Пругата на Коридор 10 е приоритет и затоа ќе ги вложиме сите напори оваа пруга да биде извор на приходи за државата и целата економија. За да нема застој во железничкиот транспорт, паралелно ќе ја реконструираме пругата од Табановце до Гевгелија, а во исто време ќе работиме и на изградба на нова пруга на Коридор 10. Ова го истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за поткастот „Каде се парите“.

Проект за реконструкција има, истакна министерот Николоски и додаде дека проектот предвидува брзина на возовите од 80 km за карго превоз и 120 km за патнички превоз. Дополнително истакна дека проценетата вредност би изнесувала околу 250 милиони евра и ќе се изврши комплетна реконструкција на потегот Табановце-Гевгелија.

За 2 до 3 години ќе ја реконструираме целата делница од Табановце до Гевгелија. Проект имаме, ЕУ дава позитивни сигнали да финансира преку ИПА 3 компонентата од каде би можеле да добиеме околу стотина милиони евра, а околу 150 милиони евра треба да ги обезбедиме од домашниот буџет. Реконструкцијата подразбира целосна смена на пругата, реконструкција на седум моста, добро е што има постојана електрификација и ќе се постави ИТС систем. И ова е реално и вака мораме да правиме паралелен процес додека градиме нова пруга за да не ни се случи примерот со Србија кога карго превозот запре додека вршеа реконструкција на пругата Белград – Ниш – истакна Николоски.

Во однос на изградбата на брза пруга тој потенцираше дека потребата од брза пруга е огромна за Македонија, за целиот регион и Европа, која пак ја препознала оваа идеја и е подготвена да ја финансира. Исто така министерот во поткастот објави дека за брза пруга постоел проект од 1978 година со 4 линии.

Треба допрва да има физибилити и предфизибилити студија. Мое лично мислење е дека треба да одиме со пруга над 200 km на час. И мислам треба да одиме по наједноставниот терен, а тој би бил од Табановце па да се спушти под Куманово до Свети Николе, потоа Штип, Радовиш, Струмица и да се врзе на Миравци, Гевгелија и Солун. Секако треба да се направи триаголник кој ќе го поврзе Скопје со брзата пруга. Дали тоа ќе го покаже предфизибилити и физибилити студијата не знам, но мислам дека ова е најлогичното решение. Во однос на цените, со овие цени сега брза пруга би чинела околу 2,3 до 2,5 милијарди евра, а за оперативна да биде од почеток на градба до прва операција на воз, би ни требало околу 5 години. Во однос на финансирањето знам дека нема да бараме пари од Кина, Русија и Саудиска Арабија. Ако ЕУ сака да ја финансира е добродојдена, но прво мора да го обезбедиме финансирањето пред да почнеме да ја градиме – истакна министерот Николоски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.