Столбовите за спроведување на политиките за справување со глобалните економски шокови се независноста и кредибилитетот на централните банки, кои во регионот на Југоисточна Европа за само една година имаат придонесено да се намали најголемата инфлација во изминатите пет децении на едноцифрени стапки, беше посочено на денешната Десетта меѓународна конференција во организација на Народната банка.

Директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер смета дека независноста на централните банки може да биде основа на модерното централно банкарство, но дека транспарентноста и отчетноста се она што ја балансира независноста на централната банка со принципите на демократијата.

Македонија е импресивен пример. Создавањето независна централна банка во 1992 година беше клучно за да се намали хиперинфлацијата од раните 1990-ти. Народната банка е рангирана многу високо во новиот Индекс на независност на Централната банка на ММФ, посочи Камер.

Според директорот на КПБВ, Марк Узан, довербата што централните банки ја уживаа ширум светот, во текот на многу години, можела да се изгуби доколку општеството почнело да се сомнева во нивната посветеност на стабилноста на цените.

Некои генерации за првпат го доживеаја ризикот од транзиција на економијата кон режим со висока инфлација. Затоа, за да се врати ценовната стабилност, беше неопходно и соодветно централните банки решително да ја заострат политиката преку повисоки каматни стапки, посочи Узан.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска – Бежоска, наведувајќи ја Народната банка како пример за независна централна банка, посочи дека одредбите за независност се вградени во Уставот и Законот за Народната банка и истите се оценети дека имаат високо ниво на усогласеност со правото на ЕУ.

Деглобализацијата, стареењето на населението и климатските закани, би можеле да ги намалат производните капацитети, правејќи ја понудата помалку еластична и на тој начин создавајќи „свет со поголема склоност кон инфлација“. Од друга страна, брзиот напредок во технологијата, како вештачката интелигенција, не само што може да го ублажи влијанието на горенаведените негативни сили, туку и да го подигне потенцијалот за раст. Овие трансформации бараат добро поставени реформи со цел да се зголеми отпорноста на економиите и да се намалат среднорочните инфлациски притисоци, порача Ангеловска – Бежоска.

На конференцијата се обрати и претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова, според која за да можат банките да ја реализираат својата важна улога треба да бидат независни од централната власт и отпорни на политички притисоци.

Живееме во време на парадокси, длабока меѓузависност на земјите, економиите, луѓето и природата. Социјалните, половите и дигиталните нееднаквости меѓу државите внатре и меѓу државите се во пораст. Помалку развиените економии, како што е македонската економија, зависни од други, непропорционално ги чувствуваат ефектите од геополитичките ривалства, воените конфликти, испреплетените конфликти поврзани со безбедноста и екологијата. Неопходно е да се најде нов модел за стабилизирање на шоковите во постојано менување на економската средина. Еден од столбовите на стабилноста во непредвидливо време се централните банки, посочи Сиљановска – Давкова



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.