Конфузноста и некоординираноста на владините ресори во однос на издавањето на еврообврзницата и иссилената реконструкција на Владата ја чинат државава над 10 милиони евра. Според поранешниот министер за финансии, Трајко Славески, кој е и член на ИК на ВМРО ДПМНЕ, дури 18 милиони евра, ја чини Македонија оваа авантура на власта. Според Џевдет Хајредини, исто така поранешен министер за финансии, за ваквиот пропуст за новото задолжување со издадената еврообврзница некој ќе мора да одговара.

Министерството за финансии информираше дека издадената еврообврзница е со рок од 4 години, што значи дека со каматна стапка од 6,96 проценти на годишно нови за позајмените 500 милиони евра треба да се платат вкупно 139,2 милиони евра, или по 34,8 милиони евра годишно. Со ова вкупната камата за сите 9 еврообврзници во вредност од 3,9 милијарди евра (заедно со последнава) изнесува над една милијарда евра.

Вчерашната аукција беше втор обид за издавање еврообврзница, откако пред еден месец беше стопирана затоа што недостигаше потписот на министер за правда кој тие денови веќе поднел оставка. Документот за аукцијата стигна во Министерството за финансии, но Собранието веќе ја констатира оставката на тогашниот министер за правда Никола Тупанчески, чиј потпис беше неопходен за одржување аукција. Овој пропуст ја чини Македонија поголема камата затоа што претходната еврообврзница беше на износ од 600 милиони евра и со камата од 6,25 проценти годишно.

Пресметките покажуваат дека сега ќе плаќаме годишна камата од 34,8 милиони евра, додека по претходните услови за 500 милиони евра годишната камата би била 31,2 милиони. Каматата се плаќа еднаш годишно во рок од 4 години, колку што е рокот за отплата.

Од Министерството за финансии уверуваат дека, иако сегашната камата е повисока, каматниот трошок го испеглале.

Преку аукцијата се обезбедија 500 милиони евра по купонска камата од 6,96 проценти, додека дополнително 100 милиони евра се обезбедуваат од инструментот за макрофинансиска поддршка на Европската комисија по каматна стапка од приближно 3 проценти. Ова значи дека рефинансирањето на еврообврзницата од 2016 година и другите отплати на претходни задолжувања, кои достасуваат и за кои беа наменети овие средства, ќе се изврши според исти каматни трошоци постигнати со претходната аукција, соопшти Министерството за финансии.

За разлика од Министерството за финансии кое тврди дека се е во рамки на планираното, точната пресметка за трошокот, односно штетата на Буџетот од грешката при издавањето на еврообврзницата, поради нејзиното откажување за време на реконструкцијата на Владата и избор на нов министер за правда, што резултираше со зголемување на аукцискиот принос и повисока купонска каматна стапка, ја покажува реалната состојба.

За деветтата еврообврзница, претседателот пак на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во неколку наврати го повика премиерот Димитар Ковачевски на одговорност, но и да каже колкава е штетата за државата од необјавената еврообврзницата од 600 милиони евра. Мицкоски вели дека е нарушен кредибилитетот на државата, нанесен е трошок што ќе го плаќаат граѓаните. За него ова е срам и катастрофа, што практично се пресликува на секое ниво во државата.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини смета дека „другите задолжувања од други извори, немаат врска со оваа еврообврзница“. Тој во изјава за медиумите вели дека за ова треба и некој да одговара.

Не е вистина дека аукцијата за издавање на деветтата еврообврзница помина успешно, кога се гледа дека каматната стапка е речиси за еден процент повисока. Не е точно и дека интересот на инвеститорите се заснова во нивната доверба во политиките што ги води Владата, зашто се знае дека државите мора да ги вратат долговите. Задолжувањето заради раздолжување, не може ни на среден ни на долг рок да придонесе за поголем раст. За тоа се потребни инвестиции за економски развој. Очекувано беше некој да одговара, зашто од министерот за правда се побара потпис откако тој беше разрешен, со што настана оваа штета – вели  Хајредини.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.