Министерот за економија Крешник Бектеши денеска потврди дека „замрзнатите“ цени на основните производи веќе нема да важат, но ако се забележи дека има нивно вештачко зголемување, инспекциите, рече, веднаш ќе реагираат.

Во однос на цените на прехранбените производи, утврдено е дека речиси сите се намалени согласно владините мерки кои се носат една година. Да, мерките веќе нема да важат, но јас наведов и во моментот кога објавивме дека нема да ги продолжиме мерките, ако одредена компанија, и ова јавно го кажувам, одреден сектор вештачки се обиде да ги зголеми цените се знае дека институциите ќе влезат во функција и тоа нема да биде дозволено. Јас сум имал разговори, повеќето од разговорите ги направиле моите служби или мојот тим каде што тие кажале дека во спротивно за одредени производи би можело да има и намалување. Во тоа дека резултат даваат мерките на Владата не се повикувајте на податоците на институциите на Владата, на тие тоа што го кажуваме, еве, повикајте се на Германскиот завод за статистика кој ги објави податоците за тоа како Македонија се справува со делот на цените со прехранбените производи, истакна Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања по економскиот форум „Парафискални давачки-мало делче во сложувалката на конкурентноста”.

Според него, засега во однос на цените не се предвидуваат никакви мерки.

Никакви мерки не предвидуваме, само што ќе важат сите одредби од Законот за пазарна инспекција, УЈП, финансиска полиција и Законот за заштита на потрошувачите кој е целосно усогласен со директивите на ЕУ, а инспекциите мора да ги вршат контролите согласно тоа што е донесено како одлука од страна на Владата, потенцира Бектеши.

Министерот за финансии Фатмир Бесими потсети дека за оваа година само резерви за антикризни мерки има 225 милиони евра во Буџетот, што е 1,6 отсто од БДП. Ако дефицитот е предвиден 4,6 отсто, 1,5 проценти или 225 милиони евра се за кризни мерки, а од 700 милиони евра дефицит 225 се за антикризни мерки.

Ние досега сме постапиле во различни фази со различен тип мерки. Тоа што во овој период, зборуваме сега од 2020 па наваму, сме постојано во кризни години каде што има антикризни мерки. Досега скоро две милијарди евра се потрошени за антикризни мерки од 2020 година, само КОВИД мерки 1,2 милијарди евра и дополнителна енергетска криза 800 милиони евра, тоа се некаде над 13 отсто од БДП, значи, огромен износ на средства за да се амортизира тој ефект во стопанството. Инаку, и во економијата воопшто, поддршка на граѓани, ранливи категории. Мерките сега се насочуваат во однос на адресирање само на ранливите категории на граѓани и стопанство, привремени мерки, а од друга страна фискална консолидација, намалување на буџетскиот дефицит за да може да се издржи ова да не биде дополнително на товар на граѓаните и на буџетот со други зборови. Конкретно, во однос на ова имало и периоди кога се користеле административни мерки, кога се обидуваше да се менаџира евентуално за одредени стратешки производи за на пазарот да не се создаваат дополнителни притисоци на цените и тие се многу ретки ситуации и се користат за ограничен временски период, така што тоа што сега се прави од Владата е сет на мерки, објасни Бесими.

Досега имаше, додаде, откажувања и од даноци и од акцизи.

Сме имале субвенции директно на граѓани, субвенции директно на фирми, намалување на цена на електрична енергија, субвенционирање на цена на електрична енергија на граѓани, на воведување на блок-тарифи, така што сет на мерки кои гледано сумарно давале ефект за да се амортизира ефектот од кризата. Само во 2020 година ако 8,1 отсто беше падот на БДП, без мерките дополнителни 4,7 отсто, значи падот ќе беше некаде 12,8 отсто без мерки. Во 2021 веќе растеше, беше 3,9 без мерките, без мерките ќе беше за еден процент помалку. Значи, мерките постојано даваат ефекти врз стопанството да се ублажи ефектот од кризата и тоа продолжува така да биде, истакна Бесими.

Од денеска престанува да важи владината одлука со која беа замрзнати цените на некои земјоделски производи, белиот и полубелиот леб, брашното, маслото за јадење, јајцата, оризот, тестенините, млекото и млечните производи. Се „одмрзнуваат“ и цените на пелените, тоалетната хартија, влажните марамчиња и хигиенските влошки. Првата одлука за замрзнување на цените беше донесена на 28 февруари кога се замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, а потоа на 16 март Владата донесе одлука да се замрзнат и цените на дел од тестенините и млечните производи. На 21 март стапи во сила и одлуката за замрзнување на цените на оризот и јајцата, додека на 5 април беа замрзнати цените и на 11-те видови овошје и зеленчук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.