Народната банка по априлското зголемување на каматната стапка сега изврши дополнително зголемување за 0,25 процентни поени и таа сега е на ниво од 1,75 проценти.
Од Народната банка информираат дека при донесувањето на ваквата одлука биле земени предвид најновите движења кај инфлацијата, којашто и во април забрза, како и влијанието на ваквите остварувања врз инфлациските очекувања.
Одлуката за натамошно затегнување на монетарната политика се заснова врз оцените дека увозните ценовни притисоци се подолготрајни и посилни, што создава одредени преносни ефекти кај повеќе ценовни категории и делува врз инфлациските очекувања. Оттука е и потребата од монетарна реакција, и покрај надолните ризици за економскиот раст и за домашната побарувачка, се вели во соопштението.
Најновите податоци за април, според централната банка, упатуваат на тоа дека годинава инфлацијата ќе биде повисока од очекувањата според последните проекции.
Главните фактори за поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, пред сѐ цените на храната и енергијата, поради растот на цените на примарните производи на светските берзи. Овие преносни ефекти се видливи особено кај економиите како нашата, каде што голем дел од потрошувачката е увозна и каде што учеството на храната и енергијата во потрошувачката кошничка е високо. Имајќи предвид дека храната и енергијата се влезна компонента кај повеќе други производи и услуги, растот на цените станува пошироко распространет. Оттука, поголема динамика се забележува и кај движењето на базичната инфлација. Тековните оцени и натаму упатуваат на отсуство на поизразени притисоци од побарувачката врз цените, а со воениот конфликт во Украина се нагласуваат надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период. Сепак, неопходни се претпазливи домашни политики коишто нема да предизвикаат дополнителни притисоци и од страната на потрошувачката, појаснуваат од Народната банка.
Девизните резерви се во сигурна зона и девизниот пазар е стабилен. Се забележува сезонски поголема понуда на девизи. Според првичните податоци за април, годишниот раст на кредитите е солиден, при поумерен раст кај депозитите. Притоа, кај депозитите на населението се забележува раст на месечна основа во април.
Оценката на Комитетот за оперативна монетарна политика, кој вчера одржа седница, е дека се неопходни претпазливи макроекономски политики заради ублажување на ефектите од кризата.
Општо земено, најновите оцени за основните макроекономски параметри упатуваат на потреба од натамошно затегнување на монетарната политика, и покрај надолните ризици за економскиот раст и за побарувачката. Ризиците за целокупниот макроекономски контекст се поизразени, а се поврзани главно со надворешното окружување. Ефектите од пандемијата сѐ уште постојат, а нарушувањата во синџирите на снабдување и енергетска криза се уште понагласени заради воениот конфликт во Украина. И понатаму има голема неизвесност, особено околу времетраењето и интензитетот на војната во Украина и ефектите од тековните и идните санкции кон Русија, се наведува во соопштението.
На вчерашната седница одлучено е понудата на благајнички записи на денешната аукција да изнесува 10 милијарди денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.