Очигледно дека буџетот не се полни онака како што тие предвидуваат, а посебно во делот на данокот на додадена вредност затоа што состојбата во економијата е катастрофална. Имајќи го сето тоа предвид тие удираат на оние кои и до сега редовно и дисциплинирано си ги исполнуваа обврските, а тоа се компаниите кои што работат и мака мачат да заработат за да можат да исплатат личен доход до вработените, вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната посета на Гевгелија одговори на новинарско прашање за коментар во врска со солидарниот данок за успешните компании од кој Владата не сака да се откаже.

Мицкоски исто така додаде дека наместо полнењето на буџетот да се подобри преку борба со сивата економија Владата удира по оние кои дисциплинирано си ги исполнуваат обврските.

„Ете тоа го прави оваа влада. Да собере од успешните денар повеќе за да може потоа преку тендери во четири очи делумно да го украде. Затоа ние бевме против. Затоа што наместо борба со сивата економија и на тој начин да овозможиме подобро полнење на буџетот, тие удираат на оние коишто редовно си ги исполнуваат обврските“, потенцираше Мицкоски и додаде:

„Имаме работа со влада која што не мисли за народот и не мисли за интересот на граѓаните, туку гледа за личен интерес и како повеќе да профитира. Тоа е мотивот зошто тие не се откажуваат од овој данок“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.