Незадоволството на пензионерите е се поголемо, бидејќи тие уште еднаш се изиграни до актуелната власт. Имено помпезно најавуваниот раст на пензиите се ограничи на зголемување на септемвриската пензија од нецели 7 отсто, поточно од 6,8 проценти, што ќе значи дека оние што земаат минимална пензија од 10.276 денари ќе добијат зголемување од само 699 денари и нивната септемвриска пензија ќе изнесува 10.975 денари.Просечната пензија, која досега изнесуваше 16.348, е зголемена за 1.112 денари и ја достигна висината од 17.460 денари. Најмногу ќе се офајдат корисниците на максималната пензија од 60.294 денари, кои ќе добијат зголемување од 4.100 денари, што е за околу шест пати поголема од најниската пензија, со што највисоката пензија ќе изнесува 64.394 денари.

Разликата во месечните примања на пензионерите е огромна, а трошоците за живот за сите се исти. Млекото, лебот и зејтинот и се останато во продавница исто чини и за тие со примања над 60.000 денари и со тие со примања од 10.000 денари, па голем дел од пензионерите со право се револтирани, бидејќи едвај преживуваат. Неправедната распределба на месечните примања и дискрепанцата во износот на зголемување на пензиите се повеќе го зголемуваат јазот меѓу најниските и највисоките пензии. Галопирачаката инфлација од скоро 20 отсто, уште повеќе ја истакнува разликата меѓу различната категорија пензионери, па така се наметнува прашањето, што ќе купи еден пензионер со добиени плус 700 денари, а што оној со 4.000 денари покачување?

Експертите сметаат дека скапотијата е повисока поради забрзаниот раст на цените, особено ако се споредуваат покачувањата единствено на основните прехранбени производи, на лебот, маслото, зеленчукот, млекото и млечните производи, како и на сметките за електрична енергија, комунални трошоци, лекарства и други неминовни потреби за нормален живот во секојдневието. Поради тоа, веста за линеарното зголемување на септемвриските пензии од 6,8 проценти не ги израдува сите пензионери, особено корисниците на пониски пензии. Овој пат за усогласувањето на пензиите е применета старо-новата методологија со порастот на трошоците за живот со 50 отсто и со ист процент со растот на просечната плата. Добиеното е далеку од популистички кажуваното историско и рекордно зголемување.

Она што и натаму загрижува е јазот меѓу пензионерите во однос на примањата.

Така според августовските податоци на Фондот на ПИОМ, износ до 11.500 денари зеле 92.300 пензионери, а од 11.501 до 18.000 денари примиле 135.860 корисници на пензија. Бројките покажуваат дека од вкупно 330.000 пензионери во нашата земја, над 228.000 пензионери, односно 69 отсто, имаат пензија до 18.000 денари, кои се судираат со обезбедување основни средства за егзистенција.

Поскапувањата се однесуваат на сите. Исти се животните потреби и на професорот или лекарот што отишол во пензија пред 15 години и на оној што се пензионирал минатата или предминатите неколку години. Како резултат на тоа, денес професор што се пензионирал пред 10-15 години има пензија приближно како хигиеничарка што станала пензионерка годинава, лекарот како медицинска сестра, инженерот како техничар. И никому не му пречи тоа. За подостоинствен живот на сите пензионери, потребна е нивелација, односно отстранување на евидентните разлики на пензиите. Вакви зафати има во некои земји од Европската Унија. Со измени на Законот за служба во армијата од минатиот месец веќе е овозможено повторно пресметување на пензиите на воените пензионери. Според податоците од август, тие имаат највисока просечна пензија од 23.507 денари, а најниска од 8.484 е кај корисниците на земјоделска пензија – велат од пензионерските здруженија.

Сето ова треба сериозно да се анализира во рамките на пензиските реформи. Во услови на зголемени трошоци на животот и намалување на вредноста на денарот, потребно е сериозно да се настојува и воведување на скалесто покачување на пензиите, и тоа 20 отсто на најниските пензиите до 20.000 денари, потоа 15 отсто на корисници на пензија од 20.001 до 30.000 денари и 10 отсто од 30.001 денар до највисоката пензија.

Инаку со септемвриската пензија околу 330 илјади пензионери во државата треба да добијат повисоки пензии за 6,8 отсто, согласно новата методологија воведена со последните измени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година. Новата методологија предвидува усогласување на пензиите со комбиниран модел од 50 отсто пораст на просечната плата на сите вработени во државата и 50 проценти пораст на трошоци на живот, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика. Усогласувањето ќе се врши два пати во годината, односно во март и септември, што значи ќе ги следи промените во двата индекси за усогласување.

Во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ пензиите на сите пензионери во Република Македонија се зголемуваа секоја година. Најниската пензија се зголеми за 105 проценти и истата од 4.330 денари во 2006 година, се покачи на 8.895 денари во 2016. Додека просечната пензија која во 2006 година изнесуваше 7.684 денари, на крајот од 2016 година стигна до 13.754 денари. Најголем раст на пензиите од 2006 година, има регистрирано во 2008 година, кога во јануари се усогласија за 13 проценти, а потоа и во јули за 7,65 проценти. Во 2014, 2015 и 2016 година исто така имаше поголем раст на пензиите, од 600, 621 и 654 денари линеарно. Најмало усогласување на пензиите е регистрирано во 2019 година, кога во јануари се зголемија за 0,70 проценти, а потоа од 1 јули уште за 0,40 проценти.

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.