Пораст од 33 отсто во патничкиот сообраќај регистрираат двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, во 2023 година, споредено со 2022 година. Ланскиот број на патници го надмина и рекордот од 2019, кога низ двата аеродрома беа опслужени 2,7 милиони. Минатата година биле регистирани 24 илјади летови до 46 дестинација на Скопскиот, четири на Охридскиот и дополнителни сезонски авиолинии во летна сезона или вкупно 3,15 милиони патници.
Македонскиот авиосообраќај е со втор најголем раст на превоз во Европа во 2023 година во однос на 2022 година. Забележани се над 250 илјади воздухопловни операции во 2023 година.
Според статистиката за 2023 година најмногу се патувало кон Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 10,9% пазарен удел), Базел Милуз (6,4%), Цирих (5,4%), Франкфурт (4,7%), Дортмунд (4,5%), Виена (4,4%), Минхен Меминген (4,3%), Анталија (3,2%), Хамбург и Келн (по 2,7%).
Топ 5 земји со директни летови за 2023 година биле Германија (28,3% пазарен удел); Турција (16,1%); Швајцарија (13,4%); Шведска (6,5%); и Италија (6,4%).
Кон крајот на 2022 година Владата објави повик за субвенционирани авиолетови за периодот од 2023 до 2025 година. Условите и критеримуните од повикот ги исполнија Германската авиокоманија „Луфтханза“ која воведе нова авиолинија од Скопје до Франкфурт, и „Виз Ер“ која воведе четири нови линии од Скопје до Луксембург, Штутгaрт, Салцубург и до Љубљана.
Финансиската поддршка која Владата им ја исплаќа на овие авиокомпании изнесува седум евра по патник во заминување превезен од Меѓународен аеродром Скопје и 4,5 евра од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид. Министерството за транспорт и врски во својот буџет за 2023 предвиде 1,1 милион евра за оваа намена, а вкупно пет милиони евра за тригодишната програма.
Сметаме дека е од големо значење за државата, но и граѓаните зошто аеродромот во Франкфурт е еден од најголемите во Европа и поврзува со 200 меѓународни дестинации. Финансиската поддршка авиокомпаниите ја добиваат за период од три години. По истекот на тригодишниот рок, авиопревозниците имаат обврска да продолжат да оперираат на линиите. Односно, и во наредните три години. Во спротивно, ќе мора да го вратат целиот износ што ги добиле како финансиска поддршка“, вели министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.