Во последните месеци може да се забележи нагорно придвижување на каматните стапки за денарските депозити, вели вицегувернерката на Народната банка Емилија Нацеска.
Потребно е време за соодветни ефекти од затегнувањето на монетарната политика, особено ако истото се одвива постепено, во услови на отсуство на значителни притисоци на страната на побарувачката и во насока на задржување на стабилноста. Сепак, веќе во последните месеци, може да се забележи нагорно придвижување на каматните стапки за денарските депозити, вели Нацевска во интервју за Банкарство.мк.
Таа истакнува дека за одржување на среднорочната ценовна стабилност, којашто е впрочем целта, централните банки на скоро сите економии во светот работат на стабилизирање на инфлациските очекувања предизвикани од тековната глобална криза, преку затегнување на монетарната политика, односно со покачувањето на основната камата, со што делуваат врз притисоците од страната на побарувачката.
Целта на овие политики е да се закотват пред сè инфлациските очекувања. Целиот процес се води постепено, анализирајќи ги детално сите податоци и движења во светски рамки и дома и имајќи ја како приоритет макроекономската и финансиската стабилност. Банкарскиот сектор е стабилен, соодветно капитализиран и овозможува соодветна поддршка на приватниот сектор, посочува Нацевска.
Додава дека зголемувањето на основната каматна стапка е дополнето и со мерки за промени во системот на задолжителна резерва, заради поттикнување на денаризацијата, односно штедењето во денари, преку просторот којшто им се остава на банките за да можат да понудат поповолни каматни услови за денарските депозити. Вицегувернерката во интервјуто ја нагласува и сигурноста што за економските субјекти и за населението ја нуди долго применуваната стратегија на стабилен номинален курс на денарот во однос на еврото.
Мерките со корекција на задолжителната резерва заради поголема денаризација и повисоки каматни стапки за денарски депозити би придонесле за зголемено штедење во денари. Се очекува дека на среден рок ќе продолжи трендот на раст на депозитите, вели вицегувернерката и посочува дека заклучно со септември растот на депозитите изнесува 3,4 проценти на годишно ниво, кој главно се должи на растот на депозитите кај секторот домаќинства од 5,3 проценти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.