Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во првата недела од септември очекува да биде поставен камен темелник на нова инвестиција во државата.

– Очекувам првата недела во септември да имаме камен темелник на нова инвестиција, со што уште еднаш ќе покажеме посветеност на тоа што ние како Влада го работиме. Сакам да и се заблагодарам на претходната влада што работеле на оваа инвестиција, но било потребно да се промени владата па оваа инвестиција да биде реалност, рече вчера Мицкоски.

Многу скоро, како што рече, ќе биде поставен и камен темелник на фирмата „Ипсотек“.

– Фирмата „Ипсотек“ ја најавивме кога станавме влада. За неколку недели оваа инвестиција ја ставивме во функција, а последно што знам е дека е добиено мислење од Комисијата за заштита на конкуренцијата и многу скоро, за неколку недели, ќе имаме и камен темелник на оваа институција. Исто така, има две инвестиции на постојани компании што очекувам да бидат потврдени до крајот на годината. Станува збор за огромни компании кои веќе се присутни кај нас, огромни инвестиции кои значително ќе влијаат врз БДП, рече Мицкоски.

Тој напомена дека се преговара и за една нова инвестиција во вредност од 150 милиони евра, за која, што рече, дека сме во најтесна конкуренција со една европска држава, членка на ЕУ и поранешна членка на источниот блок.

Информираше дека многу скоро ќе биде донесено и законското решение за данокот на добивка за мултинационалните компании кои ќе консолидираат профит поголем од 50 милиони евра.

– Има многу работи кои уште треба да ги дефинираме, но во следните месец-два мислам дека овој закон ќе се најде во владина седница, а потоа и во парламентарна процедура, со што ќе бидеме држава со убедливо најнизок данок во Европа, мислам дека и во светот, рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.