Младинското (не)вработување не е само прашање на барање на работа, професија и обезбедување на опстанок. Тоа е клучно за позиционирање на улогата на младите во општеството. Ова е еден од заклучоците нотирани во документот за јавна политика со назив „ Младинско (не)вработување: политики, мерки и вештини“ креиран од Здружение Лидери за едукација, активизам и развој, кој е достапен на македонски и албански јазик.

Документот за јавна политика демонстрира сериозни податоци поврзани со младинската невработеност. Според државниот завод за статистика младинската невработеност во 2021 година изнесувала 36,4% на возрасната група од 15 до 24 години, додека кај возрасна група од 15-29 години изнесува 22,3%. Според Меѓународната организација на трудот (2016) во Македонија се потребни во просек 31 месец од дипломирање до првата работа, и тој период е многу подолг за младите со средно образование отколку за младите со универзитетска диплома. За младите што имаат само основно образование процесот може да трае дури 62 месеци.

Иако во изминатите години беа активни неколку мерки поттикнување на вработувањето на млади и поттикнување на претприемништвото, како што се мерката „Гаранција за млади“, програмата за практикантство во рамки на проектот „Поддршка за вработување на млади“, мерката исплатата на младински додаток и слични мерки, сепак младинската невработеност сè уште е еден од клучните предизвици во нашата земја.

Овој документ за јавна политика подетално ги разгледува причините за постоењето на оваа несаката појава, но и дава препораки за справување и подобрување со моменталната состојба поврзана со младинската невработеност.

Земајќи предвид дека една од причините за високиот степен на младинска невработеност е недостатокот на вештини кај младите, како и можности за стекнување на вештини, Здружение Лидери за едукација, активизам и развој креираше две клучни публикации кои ќе им помогнат на младите да стекнат вештини за вработување и работа, но и за едукатори кои работат со млади во насока на нивно подобро позиционирање на пазарот на трудот.

Прирачник за млади: Стекнување меки вештини за личен и професионален развој има за цел да им понуди на младите сет на вештини кои им се потребни за подобро позиционирање на пазарот на трудот, но и за исполнување на нивниот целосен потенцијал. Овие вештини се важни без разлика на кариерниот пат по кој чекорат младите и индустријата во која професионално се градат. Дополнително, со цел да им помогнеме на сите едукатори кои работата на личниот и професионален развој на младите, креиравме и едукациска програма за вештини за вработување која е достапна на македонски и албански јазик.

Трите публикации се креирани во рамки на проектот „Училиште за младинско вработување“ кој се спроведува во рамки на проектот WB&T for EmploYouth го спроведуваат пет младински организации: Фондација Ана и Владе Дивац (Србија), Здружение Прима (Црна Гора), Младински сојуз – Крушево (Македонија), Партнери Албанија – за промени и развој (Албанија) и Фондација Волонтери од заедницата (Турција). Проектот е поддржан од Европската комисија, како дел од нејзините напори за континуирано надградување на односите на јавните власти со младите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.