Денеска во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, министерот Љупчо Николовски и заменик министераката Вјолца Бериша, ги доделија договорите за финансиска поддршка за мали дестилерии од Програмата за финансирање на микро земјоделски производители на вино и алкохолни пијалаци.
Малите дестилерии за прв пат во историјата добиваат финансиска поддршка во форма на грант до 300.000 денари за модернизација на производството.
На јавниот повик за поддршка на мали дестилерии, кој беше објавен во мај, аплицираа вкупно 18 баратели на финансиска поддршка. Од нив, шест баратели не ги исполниле условите, а 12 добиваат договор за грант за финансиската поддршка за набавка на опрема и ангажман на технолог за алкохолни пијалоци.
Право на учество на јавниот повик имаа земјоделски стопанства регистрирани во ЕРЗС на МЗШВ и Електронскиот регистар во Царинската управа, како земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци или регистрирани во Електронскиот регистар во Царинската управа како мали независни производители на етилалкохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели – мали дестилерии, во согласност со Правилникот за начинот на даночење со акциза на алкохол и алкохолни пијалаци и тутунски производи.
Вкупната сума за 12-те добитници на грант е 3.494.592,00 денари кои ќе се користат за инвестиции во опрема и основни средства и услуги кои имаат за цел: остварување на додадена вредност во примарното производство, развој на производи со традиционални карактеристики и зголемување на конкурентноста, како и развој на семејни бизниси од областа на производство на жестоки пијалоци.
„Најголемата поволност од ваквиот договор, освен што средставта се неповратни, е тоа што корисниците ќе добијат аванасна исплата на средствата, веднаш по потпишување на договорот. А потоа во рок од 45 дена тие треба да ја набават опремата за производство на жестоки алкохолни пијалаци и/или да ангажираат стручно лице (технолог за производство на жестоки алкохолни пијалаци), согласно роковите утврдени во деловните планови и договорот. На овој начин, ние им помагаме да набават опрема без да се задолжуваат со кредити и да плаќаат камати. Напротив, со ваквата подрршка ние им помагаме да растат, да го зголемуваат производството, да станат конкурентни, а тие потоа придонесуваат да се полни буџетот на државата преку плаќање на даноците со што сме го запазиле тој партнерски однос и сме си помогнале едни на други“ изјави министерот Николовски.
Потврда за ова се и бројките кои бележат тренд на раст. Заклучно со 30.11.2022 год во регистрите на Царинска Управа се регистрирани вкупно 27 дестилерии од кои 19 во Електронскиот регистар во царинската управа како Земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци, додека 8 се регистрирани во Електронскиот регистар во царинската управа како Мали независни производители на етил акохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели – мали дестилерии. Заклучно со 30.06.2023 год во регистрите на Царинска Управа се регистрирани вкупно 32 дестилерии од кои 24 во Електронскиот регистар во царинската управа како Земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци, додека 8 се регистрирани во Електронскиот регистар во царинската управа како Мали независни производители на етил акохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели – мали дестилерии.
Имаме тренд на зголемување и тоа токму кај што треба во Електронскиот регистар во царинската управа како Земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци од 19 во 24.
„Искрено се надевам дека со нашата поддршка овие бројки постојано ќе растат и заедно ќе го повториме успехот на малите семејни винарии. Пред почетокот на нашата поддршка, во 2019 година имавме само 30 мали семејни винарии, а денес Македонија има 247 винарски визби од кои 165 мали семејни винарии кои пишуваат нова историја во винскиот сектор и тоа токму со нашата поддршка и визијата која ја имавме за овој сектор. Очекувам ист ваков успех и со малите дестилерии, особено затоа што нашето поднебје има традиција во производство на вино и ракија и време е тоа да биде претставено пред светот“ посочи министерот Николовски.
Најголем број на добитниците на договори за финансиска поддршка за мали дестилерии се од Кавадарци и Неготино, а останатите се од Скопје, Охрид, Ресен Струга, Велес и Куманово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.