Министерството за труд и социјална политика известува дека од утре 29.03.2022 год. (вторник) започнува етапната исплата на мартовските пензии. Пензиите ќе бидат исплатени предвреме и етапно, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од Ковид 19.
Пензија повисока за 1.000 денари ќе добијат повеќе од 330 илјади пензионери со исплатата на мартовската пензија преку договорената директна финансиска помош која ќе биде исплатена и во месеците април и мај.
Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата:
За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 29.03.2022 година (вторник);
За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 30.03.2022 година (среда);
За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 31.03.2022 година (четврток); и
За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 01.04.2022 година (петок).
Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од 29 март (вторник). Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања. Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, со оглед на тоа што пензионерите како возрасна група се најранливи.
Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми. Апелираме до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.