Ова не е историски проект, ова е историска пљачка и должничко ропство во кое Владата на ДУИ поддржана од малцинскиот партнер на СДСМ ја турка Македонија, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10д.
„Тоа е многу важно. Тоа треба да го знаат сите, бидејќи оние милијарда и триста евра нема да бидат милијарда и триста, туку многу лесно ќе дојдат можеби и повеќе од двојно. Зошто? Затоа што ние во текот на вчерашниот ден кажавме дека преку свиркачи добивме верзија на договорот за која тие тврдат дека е верзијата потпишана од Владата со компаниите изведувачи и тука ја користиме оваа прилика да кажам ние со ова немаме апсолутно ништо против компаниите кои успеале вака да сработат еден договор со Владата. Ние имаме проблем со Владата на ДУИ поддржана од СДСМ  која ја става Македонија во подредена улога“, изјави Мицкоски.

 

Претседателот Мицкоски се осврна на неколку моменти.

„Прво, лага е дека мнозинството работници ќе бидат од Македонија. Не е точно, малцинство ќе бидат работниците од Македонија и дали ќе успеат и тие да ги најдат. Второ, објавивме документи кои се содржани во договорот дека бараат, иако се свесни дека е антиуставно, продолжување на работната недела од 40 часа на 60. Исто така објавивме дека потпишале договор во кој при евентуален спор не е важечко македонското законодавство, туку е важечко некое друго, законодавство или во случајов она на Англија и Велс кое по својата суштина е различно. Македонското закондавство е во групата на континентални законодавства, а она на Англија и Велс е во групата на англосаксонски модели. И за ова нема деманти или потврда од Владата“, укажа Мицкоски.

Мицкоски укажа и на моментот дека во случај на грешка во проектот ќе плаќаат граѓаните.

„И конечно, некој ќе проектира, а евентуалните грешки во проектот ќе ги плаќаме ние преку ЈП за Државни патишта, или граѓаните, државата ќе го плаќа тоа што е згрешено. И во периодот кој ќе следи ќе отвораме од оваа верзија на договор која ни е доставена, ќе отвораме и други детали во јавноста и ќе се занимавме и со цените, но и со оние цени кои во договорот се ставени како ТБД, односно допрва ќе се дефинираат и ние имаме основано сомнение тоа најмалку двојно ќе го зголеми оној буџет кој Ковачевски и оние околу него ни го презентираа во јавноста. Така што допрва ќе се изнаслушате  и изнагледате како еден проект кој навистина треба да се изгради и е дел и од програмата на Колицијата, но не на ваков начин. Не да се пљачка и да се лаже народот. За ова ќе има одговорност. За сите оние кои се обиделе да го манипулираат народот ќе одговараат“, заклучи Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.