Премиерот Христијан Мицкоски смета дека есенската кошничка овозможила намалување на цените на одредени производи, особено на оние од житарки за околу 10 проценти. Тоа, додава, надополнето со ученичката којшничка, која овозможила намалување на одредени производи и до 20 па и 30 проценти, овозможува заштеда за граѓаните. Според него, дополнително за подобрување на стандарот придонесува и ниската инфлација, која, како што рече, за август изнесува 2,2 проценти.

-Морам да кажам дека сме исклучително задоволни од тоа што се случува во одредени маркети, не во сите, бидејќи во некои за жал имаме и шпекулативно однесување. Но, онаму каде што се намалени цените тие се намалени со оваа таканаречена есенска кошничка некаде и повеќе од 10 проценти. Особено тоа се однесува на производите кои се од житарици, рече Мицкоски одговарајќи на прашања по поставувањето камен темелник на нов објект на терминалот за стоково царинење со што се означува почетокот од надградбата и реконструкцијата на граничниот премин Деве Баир.

Тој додаде дека со таканаречената ученичка кошничка дел од производите се намалиле и за 20, а некаде и 30 проценти. Тоа, вели, е голема заштеда за граѓаните која, исто така, влијае на стандардот. Дополнително рече, добро за стандардот на граѓаните е тоа што во август стапката на инфлација изнесувала 2,2 проценти.

-Не така одамна, пред една година стапката на инфлација беше 20 отсто и тоа беше директен удар на стандардот на граѓаните. Сега имаме ниски цени, инфлација која е најдобра во регионот и најдобра во евроа и ќе носиме мерки и политики дополнително да ја намалиме. Се сеќавате претходната Влада кажуваше дека инфлацијата е увезена, иако таа во тој момент беше двапати поголема од ЕУ земјите. Сега е двапати пониска од земјите од Европската унија, рече македонскиот премиер.

Тој додаде дека како Влада продолжуваат да работат посветено, одговорно и чесно. Нас, рече, не плаќаат граѓаните и мора да го слушаме гласот на народот, бидејќи нема друга алтернатива.

За есенската потрошувачка кошничка денеска говореше и заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

-Со помош на есенската потрошувачка кошничка едно просечно македонско семејство штеди од илјада до 1.500 денари месечно, посочи Ристески, кој присуствуваше на „Текстилијада“ во Штип. Тој посочи дека ако на ова се додаде и училишната потрошувачка кошничка која е направена на стартот на учебната година, едно просечно семејство кое има ученик штеди од 4.000 до 5.000 денари.

– Мислам дека се опфатени 73 групи и некаде околу 500 производи. Мислам дека има ефект од есенската кошничка, има намалување на цените по порценти во зависност од бруто профитната маржа, знаете дека беше ограничена на 10 отсто, оние поризводи кои имале поголема бруто профитна маржа, навистина имаме пад на тие производи за 20, 30 па и повеќе посто. Посебно намалување има на млекото и млечните производи, сирење, кашкавал, месо, дел од овошјето, зеленчукот. Има и производи каде маржата била помала и помало е и намалувањето, рече Ристески.

Тој додаде дека во однос на законот за нефер трговски практики, во регулирање на договорите меѓу добавувачите и произведувачите со купувачите, 26 практики треба да бидат исклучени од Законот. Комисијата за заштита на конкуренцијата врши контрола по што ќе следуваат и казни.

-Зголемен е бројот на членови кој во еден дел ќе ги контролираат договорите, а во другиот дел ќе ги спорведуваат и казните. До Нова Година ќе пратиме ситуација на терен, дали се почитува Законот, а потоа ќе следуваат и казни кои не се мали и изнесуваат и до 20.000 евра за трговците на мало, рече Ристески.

Тој упати апел да се почитуваат одлуките и законот, и додаде дека индиректно до Нова година ќе има и дополнително намалување на цените на производите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.