Државното земјиште во Македонија по брза постапка завршува во раце на бизнисмени. Ова го потврдува случајот на големиот градежен играч, Фатмир Етеми. Неговата компанија „ЗСФ-КОМ“ успеа да се стекне со сопственост на атрактивни парцели во близина на поранешната зграда на НИП „Нова Македонија“, пишува Самопрашај.мк.

Државното земјиште било приватизирано по багателна цена, иако се работи за локација во строгиот центар на главниот град, каде што квадрат се продава и за 2.000 евра.

Документите до коишто дојде редакцијата на „Само прашај“, добиени од Агенцијата за катастар на недвижности по неколкумесечно истражување покажуваат дека Министерството за финансии на крајот на минатата година (29.12.2021), кога сите се подготвуваа за прославата на Нова година, донело решение со коешто се прифаќа барањето на компанијата на Етеми за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост. Станува збор за четири парцели со вкупна површина од 663 квадратни метри, според документите, наменети за изградба на хотелски комплекс.

Сите четири парцели се запишани во еден имотен лист со број 58982 во Центар. Министерството за финансии пресметало дека за приватизацијата, компанијата „ЗСФ-КОМ“ треба да плати надомест од 290.394 денари. Ова значи дека еден квадрат чини 438 денари или само 7 евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.