Желбата на министерот за економија Дурмиши е минималецот да биде 600 евра, но ќе се преговара за 450 евра. Она што е сигурни е дека во март минималната плата ќе се зголеми околу 1.700 денари. За ова пари во буџетот се предвидени, но повторно нема да се достигне бројката од 450 евра, нешто што синдикатите го бараат со месеци. Велат дека и овој износ веќе не е доволен, но ќе се обидат на следниот состанок со владата и работодавачите кој најверојатно ќе биде на почетокот од декември, освен за законското покачување да се најдат плус пари за минимална плата од 450 евра.
Мислам дека на наредната седница, на ЕСС ќе ги презентираме нашите аргументи со кои располагаме за да ги убедиме затоа што мораме да се убедуваме за потребите од растот на сите плати вклучително и минималната плата, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Министерот за економија Дурмиши пак вели дека неговата желба е таа да биде 600 евра, но за тоа мора да се консултира и со работодавачите и со останатите колеги од владата.
Јас сакам минималната плата и 600 евра да биде. Реално барањето е 450 евра, но јас сакам 600 евра да биде но ајде да ги видиме сите засегнати страни да се отвори темата на маса, во првите денови од декември, таму ќе ги видиме и можностите на Владата да има можност да ги покријат тие и ќе ги видиме барањата на работодавачите, вели министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Токму ниските плати се една од причините за иселувањето, поради што државата се доведе во ситуација да увезува работна сила.
Главната причина поради кога луѓето заминуваат се ниските плати. Ако вие ги плаќате мизерно тогаш може да очекувате дека тие имаат пари за билет во еден правец, а тоа е надвор од Македонија, додава Трендафилов.
Инаку, наскоро ќе биде соопштена и новогодишната кошничка во која се планира да се најдат 600 производи. И покрај сугестијата од министерката за финансии Кочоска, но и на дел од економистите дека ваквите кошнички не даваат резултати и дека институциите немаат капацитет да проверуваат дали се почитуваат, се одлучи повторно да се донесе а министерот Дурмиши е убеден дека ќе може да се контролира.
Со претходната ваква кошничка имаше производи кои воопшто не поевтинија а некои минимално, граѓаните се пожалија дека нема ефект, а инспекторитее регистрираа низа неправилности и манипулации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.