„Од власта да нѐ послушаа минатата година, и кога последен пат предупредивме пред 5-6 па и 7 месеци ќе немаше енергетска криза, но сега веќе е доцна. Ние денеска треба да се подготвуваме за следната година, затоа што и следната година еве предупредувам денеска повторно ќе имаме енергетска криза. И тука сакам да бидам уште попрецизен, енергетската криза сама по себе не треба да биде дефокус од неуспешните политики на власта, неработењето и лоповлукот со фирмите инстант отворени кои што ги користат за транспорт на јаглен и набавка на мазут“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р. Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по одржување на работен состанок со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
Мицкоски додаде дека прашањето е дали државата ќе има доволно пари за да купи струја која што е потребна. Според неговите пресметки ако работат трите блока на РЕК Битола, двете турбини на Неготино, хидроцентралите и ТЕЦ Осломеј, тогаш дневно во одредени периоди државата ќе троши по половина милион евра за набавка на електрична енергија.
„Струја има, но прашањето е дали ние имаме доволно пари да ја купиме таа струја. И енергетската криза во еден момент ќе стане економска криза. Јас пресметав и тоа го образложив на овој состанок дека под услов да работат трите блока во РЕК Битола, да работат двете турбини во Неготино, хидроцентралите и ТЕЦ Осломеј, ние дневно во одредени периоди ќе трошиме по половина милион евра за набавка на електрична енергија која што ќе недостасува. Затоа што ние нема да можеме да произведеме 1.400, 1.500, 1.600 мегавати, онолку колку што и се потребни на Македонија. Ние зборуваме само за оној конзум кој што го има ЕВН Хоме. Ние не зборуваме за стопанството кое што е оставено да се справува самото со себе“, појасни Мицкоски.
Претседателот посочи дека власта нема капацитет за справување со енергетската криза. Според него потребен е голем договор, стратегија што во овој момент не гледа од власта.
„Дали ќе имаме ние пари, а паралелно со тоа треба да обезбедиме пари кои што ќе ни помогнат следната година да ја поминеме. Ете тоа е суштинското прашање. Јас се сомневам дека имаме таков капацитет во Владата, односно сигурен сум еве да бидам и чекор попрецизен дека нема таков капацитет, дека се сѐ движи по инерција, битни се само тендерите во четири очи, и тоа што инстант завршува во нивните џебови, се останато е небитно за власта. Нас затоа ни треба голем договор, затоа ни треба стратегија која што во овој момент јас не ја гледам на маса и во јавноста“, рече Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.