Република Македонија води кредибилни и конзистентни макроекономски политики поткрепени од долгогодишната политика на фиксен девизен курс, подобрите показатели за управување од земјите со слични економски перформанси и евроинтегративниот процес, кој е основа на реформите на среден рок. Ова се фактори со коишто земјата во најновиот извештај на Кредитната агенција „Фич“, го задржа кредитниот рејтинг позициониран на „ББ+“ со стабилен изглед, соопшти денеска Министерството за финансии.
Како што наведува во извештајот „Фич“ очекува растот да зајакне во 2024 година, буџетскиот дефицит да се намали, а инфлацијата да се намалува.
Во 2024 година, според „Фич“, растот се очекува да зајакне на 2,9 проценти поттикнат главно од приватната потрошувачка, поткрепена од растот на платите, потоа реализацијата на проектот на автопатите на коридорите 8 и 10д, како и континуираниот прилив на странски директни инвестиции. „Фич“ прогнозира растот дополнително да се зголеми во 2025 година на 3,6%, базиран на подобрените изгледи кај клучните трговски партнери на земјата. Позитивно влијание се очекува и од финансиската поддршка преку новиот европски План за раст на Западен Балкан.
Според „Фич“, како што е наведено во извештајот, во 2024 година се очекува да се намали буџетскиот дефицит на 3,8 проценти од БДП, под влијание на мерките преземени на приходната страна и зголемувањето на економската активност. Заштеди се лоцираат и во делот на енергетските и земјоделските субвенции. Во 2023 година, домашните извори за финансирање беа значителни, но, исто така финансирањето беше поткрепено од меѓународните финансиски институции..
-Инфлацијата, согласно извештајот на „Фич“ се нормализира и во февруари изнесува три проценти и се очекува просечно во 2024 таа да изнесува 3,7 проценти, додека во 2025 година да се спушти на 2,8 проценти. Според „Фич“, позитивно влијание се очекува од напредокот во евроинтеграцискиот процес и спроведување на реформите, посочува Министерството за финансии.
Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа и претставува еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки. Кредитниот рејтинг „ББ+“ со стабилен изглед РС Македонија го одржува од 2019 годинa.
Кредитната агенција „Стандард и пурс“ која исто така ги оценува кредитниот рејтинг на земјата, а воедно и политиките што ги спроведува на почетокот на годината даде оценка за конзистентност на политиките и напорите за фискална консолидација и економски раст.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.