МЕПСО реагира на вчерашните информации во медиумите според кои бара покачување на струјата за 68%. Во демантот испратен до медиумите допрецизира дека се работи за големување на регулираната тарифа за пренос за 68 % како единствено решение во услови на се посложена ситуација на пазарот на електрична енергија.

АД МЕПСО како оператор на националниот електропреносен систем чија дејност е непрекинат и доверлив пренос на електрична енергија до сите потрошувачи, врз основа на сеопфатни анализи и пресметки, и согласно Правилникот за определување на максимален приход на АД МЕПСО, во предвидениот рок достави барање до Регулаторната комисија за енергетика за зголемување на преносната тарифа. Најголемо влијание во ова барање за зголемување има зголемувањето на трошоците за обезбедување системски услуги кои во најголем дел се обезбедуваат од страна на ЕСМ и зголемените трошоци за набавка на електрична енергија за обезбедување на загубите во преносната мрежа а кои се набавуваат на отворениот пазар, велат од комапнијата.

Причините за ваквото барање не се должат на влошени резултати во работењето на компанијата, стои во соопштението од МЕПСО. Оттаму велат дека главен удел врз сутуацијата има светската енергетска криза која значително влијаеше на цените на струјата на светските берзи.

Како илустрација ќе го посочиме фактот дека минатата 2021 година, АД МЕПСО за покривање на загубите во мрежата потроши 8,6 милиони евра, а за оваа година поради високите берзански цени на електричната енергија, се проценува дека ќе бидат потребни околу 26,7 милиони евра.

Со претходното барање за корекција на преносната тарифа што АД МЕПСО го достави до РКЕ, беше барано 88 % зголемување но регулаторната комисија одобри 23,7%, објаснуваат од МЕПСО.

Учеството на преносната тарифа на АД МЕПСО нема големо влијание врз крајната цена на електричната енергија за потрошувачите и таа изнесува околу 4 %.

Единствениот приход што го остварува АД МЕПСО е преносната тарифа која ја одредува Регулаторната комисија за енергетика. Средствата од пренос на електрична енергија се најголемиот извор на финансии од каде компанијата ја обезбедува својата ликвидност и се покриваат инвестициите во преносниот систем кои вклучуваат реализација на планираните проекти  и редовно сервисирање на преносната мрежа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.