Во време кога цените на горивата надминаа 100 денари, а градските метежи се постојан проблем, останува да изнајдете начин како да ги намалите трошоците за потрошувачката на гориво и воопшто за превозот.

Многумина од возачите не знаат, но истражувањата покажуваат дека со промена на навиките во сообраќајот и со промена на техниките на возење може да се заштеди гориво, а со самото тоа и пари потребни да се набави горивото.

Ова се неколку корисни совети што ќе ви помогнат да ја намалите потрошувачката на гориво.

1. Не возете кога не морате

Ако често го користите автомобилот и во ситауции како одење на кафе со најблиските, тогаш оваа практика нема само лошо да се одрази врз потрошувачката на гориво, туку и на вашето ментално здравје. Одењето пеш е секогаш добра идеја. Размислите да стигнете на дестинацијата со велосипед. Придобивките се повеќекратни. Опција која ви стои на располагање исто така е и користењето на јавниот превоз.

Градовите во Македонија не се преголеми, ниту пак локациите се премногу оддалечени едни од други за да морате постојано да бидете во автомобил. Во светот, возачите најчесто ги користат своите возила само во ситуации кога тие се навистина неопходни – носење на децата во градинка, училиште, патување до работа кога нема опција за јавен превоз и сл.

2. Редовно одржувајте го возилото

Лошата состојба на одредени делови од возилото значи и нарушување на функционалноста на системите во возилото, а тоа многу често значи и поголема потрошувачка на гориво. На пример, неисправен клима-уред значи и поголема потрошувачка на гориво. Нередовно одржуваниот мотор може да ја зголеми потрошувачката на гориво до 50%.

Само со замена на нечистите свеќички, може да ја намалите потрошувачката за 5%. Исто така, проверете ги филтрите за воздух. Тие спречуваат нечистотиите да го оштетат моторот. Замената на затнат филтер за воздух може да помогне да се подобри ефикасноста на горивото за дури 10%.

3. Загревање и стартување на моторот на возилото

Новите возила и новите техники и технологии кои се имплементирани во современите возила, ја елиминираат потребата од неколкуминутно загревање на моторот на возилото во статична состојба. Напротив, препорачливо е да се стартува моторот и веднаш да се придвижи возилото со ниско ниво на оптоварување, со што истиот ќе се загрее во движење.

4. Одржувајте ги гумите под соодветен притисок

Доколку вашите гуми се напумпани само за 1 psi (0,07 бари) помалку од оптималното, потрошувачката на горивото може да се зголеми до 3%. Затоа, пумпајте ги гумите секојпат кога полните гориво или кога одите на подалечен пат.

5. Не превезувајте непотребен товар

За секои дополнителни 45 кг што ги превезувате, потрошувачката на горивото може да се зголеми за 1-2%. Затоа, секогаш кога имате можност исчистете го вашиот автомобил од непотребните предмети што само додаваат тежина на вашиот автомобил.

Особено, извадете ги шините на покривот, доколку не ги користите. Тие може да влијаат врз аеродинамичната ефикасност на вашето возило, создавајќи отпор, што може да доведе до тоа вашиот автомобил да користи до 5% повеќе гориво.

6. Планирајте ги патувањата

Намалувањето на времето поминато во автомобилот е најлесниот начин за заштеда на гориво. За да го намалите времето на возење, искомбинирајте ги кусите патувања и задачи во едно патување.

7. Избегнувајте ги сообраќајните шпицови

Доколку можете да ги избегнете сообраќајните шпицови, ќе потрошите помалку време заглавени во сообраќајот и, како резултат на тоа, ќе потрошите помалку гориво.

8. Избегнувајте прекумерно стоење во лер

Заглавени сте во сообраќајот? Стоењето во лер нема да Ве одведе никаде, а, сепак, троши гориво. Исклучете го моторот додека чекате во колона. Како правило, доколку треба да стоите подолго од десет секунди, а Вашето возило нема инсталирано „Stop&Go“ систем, исклучете го моторот.

9. Одржувајте константна брзина

Избегнувајте нагло забрзување или кочење и обидувајте се да го одржувате управувањето што е можно порамномерно. Наглото забрзување и забавување на возилото, наглото запирање и наглото стартување на возилото значи поголема потрошувачка на гориво. За да се овозможи оптималност, потребно е да се движите во границата од 2.500 вртежи за бензински мотори и 2.000 вртежи за дизел-мотори.

Употребувајте ја контролата на возење (Cruise Control), доколку ја имате. Наместо да возите во лер по надолнина, одржувајте константни вртежи на моторот со уфрлување на менувачот во соодветен степен на пренос. Ова ќе ви помогне да одржувате константна брзина, што ќе резултира со заштеда на гориво.

10. Се исплати да се „вклопувате“ во текот на сообраќајот

Држете растојание помеѓу возилата. Особено во градскиот сообраќај, се бара „антиципативно“ возење – без големи забрзувања. Две до три секунди растојание овозможуваат оптимален стил на возење. Имајте на ум дека секое кочење значи и завршување на „моментумот“ односно на силата на забрзување на вашето возило, а тоа се одразува многу и на потрошувачката на гориво.

Се разбира, кочницата е важен дел од вашиот автомобил којшто може да ви го спаси животот, или, пак, да спаси нечив живот, но, поентата е да го следите текот на сообраќајот и почесто успорувањето да го прави моторот наместо вие.

11. Користете повисоки степени на пренос

Избегнувајте прекумерен број вртежи на моторот. Навремено менувајте ги брзините кога ја намалувате брзината или кога забрзувате. Кога возите во поголем степен на пренос, употребувате помалку гориво. Затоа, секогаш кога можете уфрлете го менувачот во повисок степен на пренос.

12. Избегнувајте голема брзина

Колку побрзо се движите, толку поголем ќе биде отпорот на ветерот и вашето возило ќе троши повеќе гориво за да ја одржи брзината. При брзина од 110 км/час потрошувачката на гориво може да се зголеми дури за 30% повеќе гориво отколку кога би возеле со 80 км/час.

13. Држете ги прозорците затворени

Ветрот што дува низ отворен прозорец го забавува движењето на вашиот автомобил. За да надоместите, веројатно ќе притиснете појако на педалата за гас. Затоа, наместо да ги отворате прозорците, користите го внатрешниот систем за вентилација во автомобилот.

14. Штедливо користете го клима-уредот

Некогаш е тешко да се избегне употребата на климата, меѓутоа, запомнете дека таа додава дополнително оптоварување на вашиот мотор. Според истражувањата на канадската влада, вклучената клима може да ја зголеми потрошувачката на гориво за дури 20%. Затоа, прилагодете го клима-уредот со разлика од надворешната температура од 4 до 5°C.

На тој начин, покрај заштеда на гориво, ќе се заштитите и од температурните шокови при влез и излез од возилото. Во умерени денови, наместо клима-уредот користите ја внатрешната вентилација на автомобилот.

15. Испланирајте месечен буџет за гориво

Иако ова директно не влијае врз потрошувачката на гориво, сепак, на долг рок, вие ќе имате значително подобра претстава колку пари всушност трошите за полнење на вашиот резервоар. Наш совет би бил да одвоите одредена сума на пари на месечно ниво и да возите онолку колку што можете според таа сума на пари, а причината е едноставна. Прво, вие нема да возите кога е непотребно, потоа, тоа нема да доведе до амортизирање на колата, и трето, тоа ќе води кон помали сервиси и, се разбира, помала потрошувачка на дневно, недено и месечно ниво.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.