Во првите 100 дена од работата на Владата, Министерството за економија (МЕ) креираше клучни мерки за поддршка на граѓаните и компаниите за подобрување на животниот стандард и целокупната економија. Како што истакнуваат од МЕ, во услови на енергетската криза во земјава, но и пошироко, презеле мерки за поддршка на потрошувачите на електрична енергија со ниски приходи за 2022 година.

Беше објавен јавен повик за финансиска поддршка во вкупен износ од 60 милиони денари, со што потрошувачите со ниски приходи ќе добијат пониски сметки за струја од 600 до 800 денари во период од 12 месеци за над 700 домаќинства, велат од МЕ.

Исто така, додаваат, за да се заштитат граѓаните од ценовни шокови, на предлог на Министерството за економија беше донесена одлука прво за замрзнување на цените на основните производи, која потоа беше заменета со одлуката за замрзнување на профитните маржи со утврдена највисока трговска маржа до 4 отсто од продажната цена во трговијата на големо, односно до 3 отсто од продажната цена во трговијата на мало како посебен услов во трговијата на основните прехранбени производи.

Со оваа одлука, за стоките, со исклучок на белиот и полубелиот леб (цел и исечен на парчиња); сончогледово масло за јадење (без ладно масло) и пченично брашно – тип 400, кои се продаваат по набавна цена, се признаваат оперативните трошоци до 20 отсто од набавната цена во трговијата на големо, односно до 15 отсто од набавната цена во трговијата на мало. Одлуката се применува од 9 март до 31 мај годинава, поради потребата од ограничување на поскапувањата, велат од МЕ.

Со цел заштита на граѓаните од ценовни шокови, нагасуваат, исто така беше донесена одлука за ограничување на извозот на одделни стоки со цел се избегнат шпекулативни дејствија на трговците и производителите и за заштита на домашното производство, домашниот пазар и граѓаните пред се поради ценовните шокови предизвикано од војната во Украина.

Забраната за извоз се однесува на пченица и наполица, јачмен, пченка, брашно од пченица и наполица, семе од сончоглед, масла од семе од сончоглед и е предвидено да трае до 15 мај. Како дел од мерките за заштита на граѓаните од раст на цените Министерството за економија донесе одлука за укинување на царинската давачка за увоз на масло за јадење која трае до 31 мај, прецизираат од МЕ.

Истакнуваат дека во изминатите 100 дена Министерството за економија континуирано ја поддржуваше промоцијата на обновливите извори на енергија во домаќинствата.

Преку Програмата за промоција на обновливите извори на енергија во домаќинствата за 2022 година оваа година се предвидени 30 милиони денари за надоместување на дел од трошоците за набавка и монтажа на фотоволтаични панели за производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка за домаќинствата. Продолжува и поддршката за микро, малите и средни компании. Како дел од програмата за конкурентност, иновации и претприемништво на Министерството за економија беа објавен два јавни повици за поддршка на домашни компании со вкупна финансиска поддршка од еден милион евра, посочуваат од МЕ.

Министерството за економија, како што додаваат, меѓу своите приоритети го има и обезбедувањето нови работни места, и даде согласност за потпишување на договорот помеѓу Друштвото за производство на внатрешни компоненти КИЕЛ МАКЕДОНИЈА и НОРМАК ИНВЕСТМЕНТ ГРУП, со што започнува реализацијата на оваа нова инвестиција, чија вредност достигнува износ од 9,2 милиони евра и се планира отворање на околу 300 нови работни места.

Продолжува изработката на Стратегијата за паметна специјализација и развојот на Стратегија за поттикнување на извозот. Исто така, во постапка се и закони, измени и дополнувања на закони во интерес на граѓаните и економскиот развој, велат од МЕ и потенцираат дека како и секогаш, но и поинтензивно од овие 100 дена, ќе продолжат да се грижат за граѓаните, односно за зачувување на стандардот на граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.