Министерот за економија Крешник Бектеши денеска соопшти дека маржите за некои производи изнесувале и до 250 отсто. Тој јавно ги повика на телевизиско соочување претставниците од бизнис секторот кои велат дека замрзнувањето на цените не е соодветна мерка.

Бектеши уште еднаш повтори дека владините одлуки со кои цените на повеќето прехранбени производи се ограничени, може да продолжат и по април, односно мај, ако за тоа се процени дека има потреба, за да им се излезе во пресрет на граѓаните и товарот од кризата да не падне само на нивен грб.

Имам многу добра соработка со коморите, се консултираме речиси за сите владини одлуки, вклучувајќи ги и законските одредби за бизнис секторот. Една од главните задачи на стопанските комори е да ги бранат интересите на своите членки, а институциите треба да ги одбранат и потрошувачите и компаниите. Затоа носиме вакви, краткорочни мерки. Ова се административни одлуки, а јас сум повеќе од убеден дека се исправни, и за бизнис секторот и особено за потрошувачите. За изјавите од претставници на бизнис секторот, ги повикувам на телевизија да ги дискутираме табелите кои и тие ги имаат. Ако мислат дека маржата од 150, 200 или 250 отсто е во ред во време на криза и да не се одрекуваат од тоа што го планирале како годишен профит, тоа Владата и Министерството за економија нема да го дозволат – порача Бектеши.

Според него, за над 95 отсто од производите кои беа опфатени со Одлуката за маржите, се донесени мерки за намалување на цените и тие целосно се почитуваат.

Вака ќе продолжиме. Ги повикувам сите трговци и производители да се покажат што поопштествено одговорни, рече министерот и најави дека овој месец ќе има најголемо намалување на цените генерално, посебно на храната и енергенсите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.