За повеќе од 330 илјади пензионери мартовската пензија ќе биде повисока за 1.000 денари со што се реализира договорената директна интервентна финансиска помош која со истата сума ќе биде вклучена и во април и мај.
Тоа се дополнителни 3.000 денари само за овие три месеци кои се надоврзуваат на најголемите зголемувања на пензиите досега според усогласувањето од 2,9% во јануари годинава кога пензионерите имаа зголемување од најмалку 460 денари.
Со ова усогласување, со интервентната финансиска помош, како и со новиот модел за континуиран раст на пензиите, кој ќе започне да се применува со септемвриската пензија, пензионерите оваа година ќе имаат вкупно годишно зголемување во 2022 година од над 10.000 денари, што е рекордно зголемување на пензиите во историјата на Македонија.
Мартовски пензии преку мрежата на банкомати ќе бидат достапни од 29.03.2022 година, а готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, банките ќе ги исплаќаат во четири групи според висината на пензијата, и тоа:
– За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 29.03.2022 година (вторник);
– За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 30.03.2022 година (среда);
– За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 31.03.2022 година (четврток) и
– За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 01.04.2022 година (петок).
Финансиската поддршка, како и зголемувањето на пензиите според новата методологија, ќе бидат исплатени од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со што се потврдува неговата стабилност како резултат на добрите економски политики на Владата и на успешното менаџирање на Фондот и креираните резерви.
Сето ова Владата го оствари без да ги зголеми стапките за пензиски придонеси, односно без дополнително оптоварување на бизнисот и низ отворен дијалог со сите засегнати страни со што се постигна одржливо решение за континуиран раст на пензиите, а со тоа и на животниот стандард и квалитетот на живот на пензионерите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.