Македонскиот е-купувач е сличен на балканскиот, добро е поврзан со интернет, но главно го користи за социјални медиуми, телефонирање, видео повици,… Најчесто прави нарачки до 50 евра и купува облека. Притоа, ова не му е навика, туку го прави еднаш до двапати во три месеци што значи дека е „случаен онлајн купувач“. Генерално плаќа во готово при достава и прави зделки со домашни продавачи.

Како што рече денеска претседателката на Асоцијацијата за е-трговија Нина Ангеловска Станков, некои од причините за ваквите карактеристики се немањето доволно дигитални вештини, ниското ниво на користење е-банкарство, немањето навики за плаќање со картичка, како и немањето доверба дали ќе стигне производот.

Врз е-трговијата, оцени Ангеловска Станков, многу влијае и доставата. Според последната анкета која опфатила 40 компании од Западен Балкан, најголем предизвик се токму брзината на доставување, флексибилноста, доверливоста и недоволната професионалност на доставувачите кои многу влијаат врз креирањето на искуството кај граѓаните од онлајн купувањето.

Најновите податоци покажуваат дека во земјава над 86,6 отсто од домаќинствата имаат пристап до интернет, а 88,3 проценти од популацијата се активни интернет корисници.

Регионот споредено со Европа има најниско ниво на иматели на сметки, на платежни картички и најмалку користи платежните картички. Кешот е се уште доминантен начин на плаќање. Денеска ќе видиме како да ги „отплеткаме“ другите платежни методи кои во развиените земји се норма и каде плаќање во готово не се ни нуди како опција, истакна Ангеловска Станков пред почетокот на регионална конференција за е-трговија.

Земјите од Западен Балкан имаат напредок во е-трговијата, но и покрај растот, се рангирани најниско во споредба со европските држави.

Имаме прогрес, но далеку сме од фаќање чекор со европските земји. Имаме уште многу работа. Во однос на подготвеноста за е-трговија, секогаш ја гледаме и дигиталната подготвеност како предуслов. Тука се уште не сме на завидно ниво зашто во однос на дигитални вештини, регионот е многу ниско рангиран и потребно е забрзување. Албанија во однос на е-трговијата минатите пет години бележи раст од 370 проценти, а Србија како најголем пазар има најголем потенцијал – има 65 отсто онлајн купувачи од интернет корисниците, додека Македонија е на второ место со 54 проценти, рече Ангеловска Станков.

Македонскиот е-купувач, освен облека, купува и електроника, производи за домаќинство,…

Имаме разлики со европскиот купувач кога се работи за електрониката. Албанија, на пример, купува повеќе од европскиот купувач, а Црногорците многу нарачуваат храна од ресторани за разлика од Европјаните. Во однос на зделките кои се најчесто до 50 евра, една од причините е купувната моќ. Сепак, дел од овие зделки се плаќаат во кеш при доставата. Во Европа нарачките просечно се од 100 – 500 евра. Битна е и колку често купувате, кај нас онлајн купувањето се уште не е навика, истакна претседателката на Асоцијацијата за е-трговија.

Нејзина оценка е и дека приватните пошти имаат значаен раст во работењето, но мора да применат помодерни технологии за да го оптимизираат работењето и да ги намалат трошоците, како и да го подобрат квалитетот. Недостигот на кадар, порача, може да се надмине со подобра технологија.

Најновите податоци се охрабрувачки. Над 86,6 отсто од домаќинствата во земјава имаат пристап до интернет, а 88,3 проценти од популацијата се активни интернет корисници. Овие бројки ја поставуваат нашата држава на водечките позиции во регионот, но го отсликуваат и потенцијалот за развој. Охрабрувачки е да се види како нашите домашни платформи веќе имплементираат современи технолошки решенија од напредни системи базирани на вештачка интелигенција, иновативни платежни решенија, до нови начини на достава. Ова покажува дека имаме капацитет да развиваме решенија кои ги задоволуваат современите потрошувачки потреби и можат да се напредуваат со глобалните стандарди, смета министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Тој најави дека во наредниот период ќе се посвети внимание на создавање поволна деловна клима која ќе поттикне претприемништво и во дигиталната сфера.

Преку континуиран дијалог и соработка ќе продолжиме да работиме на создавање поконкурентен и динамичен екосистем кој ќе биде двигател на економскиот раст и на дигиталната трансформација. Со заедничка визија и координарани напори можеме да ги надминеме предизвиците и да го искористиме целосниот потенцијал на дигиталната економија во нашиот регион за да го достигнеме нивото на европските пазари. Нашата намера е да работиме и на олеснување на прекуграничната трговија, унапредување на системите за плаќање и модернизација на логистичката инфраструктура, рече министерот.

На 7. регионална конференција за е-трговија која се одржува во Скопје под мотото „E-commerce: Untangling Potential”, има над 700 учесници од дома и од регионот, претставници од водечки компании, меѓународни организации и академски институции.

Како што рече Ангеловска Станков, потенцијалот на регионот во однос на е-трговијата почнаа да го забележуваат и интернационални компании кои влегоа на овие пазари, а се забележува и ширење на регионални компании во повеќе земји од Западен Балкан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.