Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, ја посети винаријата Камник, од каде извести за рангирањето на Македонија како 13 држава во светот на скалата по девизен прилив остварен од извоз на вино, според податоците на „World Top Export“.

Ова се одлични резултати за една мала земја како нашата која се натпреварува со далеку поголеми држави. Ние во 2022 година сме оствариле девизен прилив во вредност од скоро 60 милиони евра. Нашата анализа покажа дека низ годините наназад ние сме успеале да го одржиме производството и површините со лозови насади, а при тоа да ја зголемиме вредноста на извезеното вино. За пример, во 2021 и 2022 сме извезле отприлика иста количина вино но, во 2021 имаме околу 50 милиони евра а во 2022 околу 60 милиони девизен прилив, значи 10 милиони евра повеќе за една година. Ова се должи на зголемениот квалитет на виното и зголемениот извоз на вино во шишиња, како и на многуте нови брендови кои ги освојуваат странските пазари. И во тој правец треба да продолжиме, да го зголемуваме квалиетот на произведено винско грозје за да имаме уште поквалитетни вина“, изјави министерот Николовски.

Според анализите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за изминатите седум години од 2016 до 2022, за лозарите и винариите се исплатиле околу 90 милиони евра, по разни основи, а само во една година се вратиле назад во буџетската каса две третини од овој износ, односно 60 милиони евра.

Според Николовски, тоа доволно зборува зошто се посветува посебно внимание токму на овој сектор и ги опрадува сите пари кои се исплатени кон лозарите и винариите низ годиниве наназад.

Македонското вино е нешто со што се гордееме. Најдобар промотер на нашата земја, најгласниот и најдиректниот маркетинг за нашата земја. Јасно и силно го рефлектира успехот на нашата стратегијата, со што винскиот сектор доживеа револуционерен развој. Ние денеска зборуваме за над 200 винарии, а само пред неколку години беа триесетина. Ние денеска не сме невидливи во тој глобален вински свет, напротив, силно зрачиме и секој кој следи вински параметри, се почесто ќе го чита името на Македонија“, потенцира Николовски.

Тој додаде дека оваа година ќе биде донесена нова десетгодишна стратегија за уште поголем развој на овој сектор и искористување на целосниот потенцијал.

Очекуваме да се изгласа и новиот Закон за вино којшто е целосно усогласен со директивите на ЕУ, што ќе биде уште еден наш успех и надградување на политиките, изјави Николовски.

Николовски го најави Првиот јавен повик од ИПАРД 3 кој е со најголем буџет до сега од над 30 милиони евра и ги повика сите винарии да аплицираат за нови средства со кои ќе го зголемат производството, ќе го модернизираат и ќе продолжат да придонесуваат за уште поголем развојот на винскиот сектор и нови заеднички успеси.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.