Директорката на Упавата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска како шпекулација ги оценува тврдењата дека ќе се укине прoeктот Мој ДДВ и посочува дека преку оваа мерка досега им се вратени повеќе од три милијарди денари на околу 350 илјади корисници.
Сметам дека Мој ДДВ е еден од поуспешните проекти. Длабински го работевме и чекор по чекор го унапредувавме и ќе продолжиме да го унапредуваме. Заеднички ќе ги утврдиме сите проекции дали ќе има простор за зголемување на лимитот за поврат на средствата и навремено ќе ја информираме јавноста. Досега имаме околу 350 илјади корисници на мерката Мој ДДВ и од самиот старт до сега имаме вратено повеќе од три милијарди денари назад кај корисниците на мерката, така што ги отфрлам сите шпекулации дека ќе се укине оваа мерка – рече Лукаревска во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во УЈП заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими.
Потврди дека дел од вработените во УЈП се државни службеници, а сите останати се даночни службеници и додаде дека постепено ќе бидат трансферирани заради разликите во платата меѓу државните и даночните службеници.
Повеќето наши колеги коишто работат во сметководствениот дел од работењето, финансиските прашања, Секторот за општи и заеднички работи којшто го имаме во рамки на нашата институција се државни службеници и секако дека постепено дел од нив ќе бидат трансферирани. Тоа е и моја заложба заедно со министерот за финансии. Секако дека прво треба да добиеме согласност од ресорното министерство па потоа да ги трансформираме затоа што има разлика во платата помеѓу државните и даночните службеници – рече Лукаревска и им се заблагодари на оние коишто и покрај тоа се вклучени во даночните процеси во рамки на УЈП.
Прашана до каде се разговорите за новиот состав на Владата, Лукаревска рече дека избегнува да ја злоупотребува говорницата на УЈП за политички прашања.
Јавноста ќе биде информирана за се она што во наредниот период ќе значи доекипирање на владиниот кабинет. За тоа ќе се носи одлука на ниво на раководство на партијата, посочи Лукаревска и додаде дека и во иднина се гледа на местото каде што е и сега.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.