Директорот на „ЖРСМ Инфраструктура“, Хари Локвенец, најави дека на 29 октомври оваа година официјално ќе биде означен почетокот на изградбата на првите две делници од пругата на Коридорот 8 – од Куманово до Бељаковце и од Бељковце до Крива Паланка, а работите треба да се финализираат до крајот на 2025 година, за што се обезбедени сите потребни средства и е завршена експропријацијата на земјиштето.

Како што информира Локвенец, делницата од Куманово до Бељаковце, во должина од 31 километар, ќе ја гради конзорциумот „Штрабак“, сочинет од компании од повеќе држави. Проектното време за оваа делница е определено на 24 месеци, меѓутоа, посочува тој, од самата компанија има најава дека би завршиле со работа во рок од 18 месеци. Вториот дел ќе го работи турската компанија „Ѓулермак“ и проектното време за изведба на овој проект е предвидено да биде во рок од 36 месеци. Двете компании работите на терен ќе ги започнат на 18 октомври.

Тоа значи дека до крајот на 2025 година ние би ги имале завршено двете фази од пругата до Република Бугарија, до Крива Паланка – изјави Локвенец, при што дополни дека 54 проценти од првата делница е веќе изградена.

Што се однесува до третата делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија, директорот информира дека во завршна фаза е подготовката на тендерската документација, која би требало да се објави најдоцна до почетокот на 2023 година и изборот да биде завршен до крајот на следната година, кога би требало да биде означен и почетокот на изградбата.

Проектното време за завршување на овој дел од пругата е четири години и ве уверувам дека овде не е прашање дали можеме. Заради условите на ЕУ и заради потребата да го покажеме својот капацитет, својата подготвеност да го сработиме тоа, ние мораме да ја почнеме изведбата на овој дел од пругата кон Бугарија до крајот на 2023 година. Земајќи предвид дека предвиденото време за градба на тој дел е четири години, значи дека до крајот на 2027 година ние би имале готова пруга кон Бугарија. За да стигне возот до Софија или од Софија до Скопје потребно е и нашите колеги од бугарска страна да ја завршат својата работа. Имаме ветување со нивните проекции дека својата работа тие ќе ја завршат до 2027 година. Тоа значи дека буквално сме комплементарни во својата работа и се надополнуваме во реализацијата на овој важен инфраструктурен проект – нагласи Локвенец.

Тој уверува дека роковите ќе бидат испочитувани, со оглед дека се исполнети сите три предуслови – обезбедени се средствата, со огромна помош од ЕУ и грант средствата кои ги имаме добиено од Унијата, како и од ЕБРД со поддршка на канцеларијата на оваа банка во Скопје. Второ, според Локвенец, во однос на културното наследство или археологијата, од релевантни државни институции е потврдено дека на самата траса на пругата нема големи археолошки наоѓалишта и некрополи кои би ја спречиле или би ја забавиле градбата на овој проект.

За третата и многу важна работа – експропријацијата. Првпат можам да ја информирам македонската јавност дека пред почеток на самата градба „Македонски железници – Инфраструктура“ стопроцентно ја има завршено експропријацијата и таа нема да претставува закана во понатамошниот тек на реализација на овој проект. Четвртата работа можеме слободно да ја спомнеме, тоа е квалитетот и посветеноста на фирмите изведувачи за која се надевам дека сме ги избрале вистинските и дека станува збор за капацитативни компании со желба и да се докажат пред европскиот пазар дека се подготвени да реализираат ваков проект и со сите овие предуслови од наша страна убеден сум дека и тие ќе одговорат на предизвикот на време на реализација на овој проект – вели Локвенец, кој додава дека за првите две делници од пругата Куманово до Крива Паланка се решени 1500 предмети за експропријација.

Тој најави дека на 11 октомври првпат како претставници на земја не членка на ЕУ, што случајно се совпаѓа со нашиот државен празник – Денот на народното востание на македонскиот народ, во Брисел „ЖРСМ – Инфраструктура“ ќе бидат во можност пред европратениците да ги промовираат македонските инфраструктурни проекти во железницата

Од една страна да го промовираме досега сработеното и во исто време да зборуваме и за сите идни планови кои се во насока на исполнување на европската стратегија поврзана со железничката инфраструктура – нагласи Локвенец.

Што се однесува до западното крило од Коридорот 8 кон Република Албанија, во должина од 63 километри, односно делницата од Кичево до Лин, Локвенец појасни дека поради забелешките од УНЕСКО, ќе се изврши промена на трасата во делот кон Лин, поради потенцијални ризици по Охридското Езеро од градбата на логистичката инфраструктура на пругата. Поради нејзината стратешка важност, очекувањата се оваа делница, да биде завршена до 2030 година и од потребните 530 милиони евра 50 проценти да се обезбедат во форма на грант од ЕУ.

Со завршување на западното крило, всушност ние би го завршиле целиот Коридор 8 и тоа е од исклучителна важност за нашата држава зошто на таков начин со целосното градење на Коридорот 8 и поврзувањето на Драч како Јадранско или Средоземноморско пристаниште со пристаништата во Бургас и Варна на Црното Море, со поврзувањето на Средоземноморскиот со Црноморскиот регион, го градиме континенталниот Босфор на Балканот и во Европа. Втора работа, со завршувањето на нашиот дел од Коридорот 8, ние придонесуваме кон креирање на коридор со кој ќе се поврзат три НАТО држави и трета многу важна работа е дека ќе придонесеме преку овој коридор да учествуваме во промовирање на европската Зелена агенда, зошто само преку железници вие можете да пренесете 1500 тони стока во еден здив и со минимум загадување на околината кое во овој момент е исклучително важно – подвлекува Локвенец.

Во овој контекст, додава тој, многу е важно и приклучувањето на Македонија кон иницијативата „Три мориња“.

Пругата е многу важна работа поврзана со европските иницијативи и агенда е дека единствено ние и Република Албанија, недостасуваме во иницијативата „Три мориња“, многу интензивна во овој момент од страна на ЕУ, а тоа е поврзувањето на Балтичкото со Црното и Јадранското Море. На таков начин покажуваме не само дека сме територијално географски дел од ЕУ, туку и со сите овие активности покажуваме капацитативност дека сме рамо до рамо со нашите европски пријатели и можеме да учествуваме во реализација на сите проекти предвидени од страна на ЕУ – изјави Локвенец.

Инаку, Бугарија за Коридорот 8 има добиено 1,8 милијарди евра од ЕУ која целосно ќе ја финансира изградбата на нова траса од Софија кон Ѓуешево.

Според проектната документација, на првата делница од пругата од источното крило на Коридорот 8 треба да бидат изградени железнички станици во Ново Куманово, Шупљи Камен и Бељаковце, како и шест стојалишта, на втората ќе има станици во Крива Паланка и Гиновце и три стојалишта, додека на третата, долж 24 километри се проектирани 25 тунели и 51 мост.

Проектот за пругата кон Бугарија е почнат во 1994 година, а работите првпат беа стопирани во 2004 година. Продолжија една деценија подоцна, во март 2014 година, но не беше испочитуван поставениот рок за завршување на работите до 2016 година, поради, според официјалните образложенија, проблемите од имотно-правен карактер. Активности на терен нема од јуни 2020 година, кога тогашниот изведувач германски „Вибе“ еднострано го раскина Договорот.

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) лани во јануари објави тендер за избор на изведувачи на пругата, а постапката беше заокружена минатиот месец, кога беа потпишани договори со „Штрабак“ и „Ѓулермак“. Дел од тендерот е и договорот за реконструкција на пругата од Ногаевци до Неготино на Коридорот 10, во должина од 31 километар, а изведбата на инвестицијата од 4,8 милиони евра ја доби „Штрабак“. Вкупната финансиска конструкција за трите договори изнесува над 200 милиони евра. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.