Не е точно дека загубите на електрична енергија во мрежата се поврзани со етничката припадност на населението. Липково ќе биде прва општина во земјава целосно покриена со смарт броила за електрична енергија и со загуби од 10 проценти, а Скопје е регион со највисоки загуби од 20 проценти, оцени денеска менаџерот на Електродистрибуција Сашо Салтировски.
-Во Арачиново броилата се надвор на улица и таму има 10 проценти загуби во јуни и во јули, така што тој проблем е веќе среден. Арачиново има загуби од 10 проценти, тоа е на ниво на технички загуби и се едни од најниските на ниво на цела Македонија. Во Слупчане проектот оди глатко и веќе се привршува така што општина Липково ќе биде првата општина во Македонија целосно покриена со смарт броила и цела општина со загуби под 10 проценти, рече Салтировски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на министерот за економија Крешник Бектеши на подружницата на ЕВН Македонија во Бутел заедно со директорот на Бирото за метрологија, Абдуљ Сељам Селами.
Како што нагласи ЕВН во Липково работи на загубите на енергија повеќе од 10-ина години, а работи и на многу други места, како што се Грчец, Батинци, но почнува проекти и во Драчево и во Лисиче, итн.
-Загубите се проблем на ниво скоро на цела територија на Македонија, а за Скопје особено. Скопје е регион со највисок процент на загуба. Тетово има помали загуби од Битола. Така што, не е секогаш поврзано тоа етнички и зависи од многу други фактори, дали се политички, економски итн., но не е поврзано етнички како што беше прикажано. На пример, Кичево, Струга имаат мали загуби, а 20 проценти се во цело Скопје. И кај и да одите во Скопје, дали сте во Лисиче, дали сте во Драчево, особено во руралниот дел кај што нема колективни згради секаде има загуби. И тоа е вистината, потенцира Салтировски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.