Договорот за електрична енергија со Бугарија се финализира и се очекува во најскоро време да се реализира, а од јануари преку интерконекторот во Жидилово ќе има и зголемен проток на природен гас кој ќе доаѓа од Азербејџан или од Александопулос, изјави денеска претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора Кире Лазаров.
Во изјава за медиумите, Лазаров рече дека има сериозни индиции оти договорот за постојан проток на 200 мегавати електрична енергија од Бугарија ќе се реализира. Проблемот што тој досега не е финализиран, како што посочи, е кај нас бидејќи нашите транформатори не можат да издржат.
– Договорот за испорака на 200 мегавати постојан проток електрична енергија од Бугарија се финализира и во текот на најголемата потреба имаме сериозни индиции дека ќе се реализира. Проблемот е кај нас бидејќи нашите транформатори не можат да издржат и затоа се купува транформатор за РЕК Битола, изјави Лазаров.
Во делот на снабдувањето со природен гас, Лазаров вели дека од 1 јануари преку интерконекторот во Жидилово ќе добиеме 30 проценти повеќе од капацитетот што во моментот го нуди руски „Газпром“.
За гасната врска меѓу Ќустендил и Скопје преку која се пренесува руски гас и која 100 проценти е закупена од „Газпром“ во наредните 20 години, изнајден е начин како да се пуштат околу 30 проценти гас повеќе од рускиот капацитет што е закупен преку зголемување на притисокот во таа цевка. Со тоа зголемување на притисокот, ќе се овозможи поголем проток на гас без да се засегнат руските интереси, вели Лазаров.
Според него, земјава ќе има бенефит од овие два проекта со Бугарија, а природниот гас нема да биде со помала вредност.
Молекулата на гас препознава калоричност, не препознава дали е руски, азербејџански или било каков друг гас. Се гледа колку калории може да се извлечат од една молекула гас, изјави Лазаров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.