Платите во државата мора скалесто да растат, заедно со зголемувањето на минималната плата. Ако тоа не се случи, растот на минималната плата од 18.000 денари нема да биде победа, туку пораз за работниците, предупредува Благоја Ралпковски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати.
Уште на самиот Економско-социјален совет, кога се договараше минималната плата, разговаравме за скалест раст на платите затоа што тоа е согласно со законот. Имено, во член 2 од Законот за минимална плата е неведено дека минимална плата е најнискиот месечен износ на основна плата која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време, а во член 8 дека колективните договори мора да се усогласат со овој закон. Така, доколку нема скалесто зголемување на платите, во зависност од сложеноста на работата, а во однос на минималната плата, се крши законот. Ние тоа му го предочивме и на премиерот и на ресорните министри како синдикат во кој членуваат вработени во образованието, науката, културата, здравството, полицијата, армијата, јавната и државната администрација и јавните претпријатија формирани од Владата. Но засега, освен изјави дека ќе има скалесто зголемување, надлежните не прифатија за тоа конкретно да разговараме, вели Ралпковски во изјава за „Слободен печат“.
Тој потенцираше дека Извршниот одбор на КСС донел одлука да се поднесе кривична пријава против непознат сторител затоа што во минатото не се почитувала оваа законска одредба, па кога се зголемувале минималните плати немало корекции на другите плати.
Во државава од 80.000 вработени кои примаат минимална плата, 40.000 вработени се во јавниот сектор. Дури, во јавниот сектор има исплаќања на плати пониски од минималната. Од вработените во јавниот сектор, пак, 48 проценти се со средно, или со пониско образование. Ако нема скалесто зголемување на минималната плата, тоа ќе значи дека помошниот технички персонал ќе се изедначи по плата со негувателката, негувателката со медицинската сестра, помладиот референт во администрацијата со постариот. Потоа, ќе се наруши соодносот на оние со ниско образование со оние со високо образование. Плата на административен службеник со високо образование, најчесто е 22.000 денари. Таа треба да биде во сооднос 2 спрема 1 од оној со најниски квалификации и со минимална плата. Е како ќе биде тој сооднос 2:1, ако минималната плата е 18.000 денари?, прашува Ралпковски.
Ралпковски тврди дека членството на КСС е многу незадоволно и дека тие заедно ќе ја продолжат битката за скалесто зголемување на минималната плата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.