Министерот за финансии Фатмир Бесими во текот на вчерашната посета на Европската комисија разговараше за економската состојба во Македонија и глобалната економска криза, за која придонесува руско-украинскиот конфликт, јави дописничката на МИА од Брисел. Енергетската криза, која силно ја погоди Европа и последните месеци не ја одмина ни Македонија, беше една од клучните теми на средбите на министерот за финансии Фатмир Бесими во Брисел со еврокомесарите за економија Паоло Џентилони, за проширување, Оливер Вархеји и за буџетот на ЕУ, Јоханес Хан.

Во изјава за МИА, Бесими објасни дека на своите соговорници им ги презентирал мерките на Владата за ублажување на енергетската криза во земјава, посочувајќи дека се издвоени околу 5,2 милијарди кон крајот на 2021 година и исто толку и во текот на 2022 година за ЕСМ.

– Потоа имаме намалено ДДВ за домаќинствата минатата година од 18 на 5 отсто до јули, потоа станува 10 проценти, па наредната година ќе се врати на 18 отсто. И тоа сѐ има фискални импликации. Потоа програмата за поддршка на социјално загрозените домаќинства по 1000 денари месечно, околу 35 илјади домаќинства. И програмата за енергетска сиромаштија донесени од страна на Владата за време на енергетската криза. Како и дополнителниот трошок што го прави енергетската криза во приватниот сектор поради високите цени, рече Бесими.

Тој понатаму истакна дека се зема предвид и геополитичката неизвесност.

– Кажано е дека функционираме во рамки на Буџетот, тоа се средства што беа планирани и се разговараше што Европа прави и што ние како земја во наредниот период може да најдеме некои нови начини на финансирање на дополнителните трошоци што до крајот на годината може да ги предизвика енергетската криза, особено од геостратешки аспект, доколку тензиите со Украина ескалираат или не се решат во насока на предвидливост, веројатно дел од тоа ќе влијае врз цените на енергетските пред сѐ, а и другите производи, вели министерот.

Иако не сака да шпекулира, Бесими признава дека кризата меѓу Украина и Русија може потенцијално да донесе влошување на европските пазари.

– Тоа зависи од импактот врз пазарите во Европа во делот на енергенсите, што веќе се почувствува. Може да биде полошо ако нешто се случи, ако ескалира ситуацијата и врз цените, имаме и едно и друго. Други ескалации, зависи во која насока ќе бидат импликациите, може да има евентуален недостаток на енергија, но тоа сега за сега останува шпекулативно сценарио, истакна Бесими.

Но, министерот инсистира дека во овој момент се тоа само прогнози и дека никој не може да каже со прецизност што доколку состојбата ескалира и дополнително се комплицира и со сето тоа да се влоши состојбата на пазарите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.