АД ЕСМ работи со максимален капацитет согласно моменталните можности на електраните и на нашите ресурси и целосно исклучиво од наше сопствено домашно производство ги задоволуваме потребите на универзалниот снабдувач ЕВН хоум за граѓаните и малите потрошувачи, односно не набавуваме електрична енергија од увоз, туку набавуваме само јаглен и мазут за производство на струја со кои ќе го зголемиме производството во грејната сезона, порача денеска генералниот директор на компанијата Васко Ковачевски.

Во моментов, потенцира, има производство на електрична енергија од два блока во РЕК Битола, еден котел во ТЕЦ Неготино, хидропроизводство, производство на енергија од ветер и од сонце со што целосно се задоволуваат потребите на домаќинствата и на малите потрошувачи, а ноќните вишоци од околу 50 мегавати се продаваат на слободниот пазар по берзански цени.

Нагласи дека во првите седум месеци од годинава ЕСМ произведе 2.194 гигават часови електрична енергија или за 15 проценти повеќе од истиот период лани кога беа произведени 1.914 гигават часови, а целиот план за производство на електрична енергија за 2022 година е направен со 20 процентно зголемување во однос на лани.

-Зголеменото производство годинава се должи, пред се, на зголемувањето на производството на термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј за 40 проценти, рече Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата и додаде дека кај хидроелектраните има значајна заштеда на вода и намалување на производството за 25 проценти во споредба со првите седум месеци лани.

Планот за производство, како што посочи, се реализира преку зголемување на ископот на јаглен во рудниците Суводол и Брод Гнеотино, како и со зголемен увоз на јаглен за термоелектраните во Битола и во Осломеј од соседните земји.

-Залихата на депонија во овој момент изнесува околу 100 илјади тони јаглен, а месечно се набавува и по околу 50 илјади тони за зголемување на калоричноста на нашиот јаглен. Досега се набавени 550 илјади тони за РЕК Битола, а во тек е отворана набавка за уште 600 илјади тони. Во Живојно, пак, во тек се завршни активности околу документацијата и се прават технолошки активности и последни подготовки за отпочнување со експлоатација до крајот на годинава, посочи Ковачевски.

ТЕЦ Неготино, како што кажа, работи со еден котел согласно потребите на ЕСМ, а се прават залихи од мазут за да се вклучи и вториот котел кога ќе има потреба. Во РЕК Осломеј се реализираат ремонтни активности за да биде подготвен за грејната сезона. Воедно се врши и набавка на јаглен за неговите потреби.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.