Сите капацитети за производство на електрична енергија во државата се во функција и работат. Граѓаните да бидат спокојни, струја ќе има без рестрикции, а цената нема да се зголемува, рече премиерот Димитар Ковачевски кој денеска оствари работна посета во Рударско-енергетскиот комбинат „Битола“.
Како што истакна Ковачевски, сите напори на Владата беа насочени кон справување со енергетската криза и резултатите се веќе евидентни.
Премиерот, придружуван од министерот за економија, Крешник Бектеши и генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, потенцира дека РЕК Битола работи со полн капацитет, со сите три блока, а во функција се и РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино, електраните на гас во Скопје, како и сите агрегати на хидроелектраните во државна сопственост.
Успеавме да ги ангажираме сите капацитети за домашно производство на електрична енргија, а цената на струјата не се зголемува. Ефектите од нашата посветеност да се справиме со кризата, се сигурна и стабилна испорака на струја до сите во државата – нагласи Ковачевски.
Според министерот Бектеши, паднаа во вода обвинувањата на некои политичари дека нема шанси да се стават сите капацитети во функција, како и дека ќе нема поскапување на струјата.
Со деноноќно работење и доверба, за неполна година заеднички со премиерот успеавме да се справиме со енергетската криза. Првпат во земјава сите државни капацитети се вклучени и тоа е голем резултат не само на Владата, туку и на вработените во ЕСМ. Со ова паѓаат во вода сите тврдења на некои политичари, меѓи кои има и електроинженери кои не успеале ова да го направат, а овој тим успеа – потенцира Бектеши.
И директорот Ковачевски напомена дека ЕСМ ги стави во функција сите државни капацитети.
Тоа значи дека со сите капацитети вклучени на мрежа дневното производство се приближува на 20 000 мегават часови. Овој тренд на зголемување е приближно на производството во најдобрите времиња на РЕК Битола и ЕСМ и кога постројките беа понови. Со ваквото дневно производство го задоволуваме потребниот конзум за сите – подвлече Ковачевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.