Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми извршија увид во работите на изградба на мостот во населба Проевце на Реката Кумановка, кој е во завршна фаза.

Премиерот Ковачевски истакна дека пред предвидениот рок завршува реконструкцијата на мостот кај Проевце, кој е своевидна обиколница на Куманово, но и значајна врска, за автопат А1 спој со Република Србија, како и со магистралниот пат А2 преку кој Република Македонија е поврзана со Република Бугарија.

„Овој мост исто така го канализира сообраќајот, кон регионите на Општините Свети Николе, Штип, Кочани и други градови и населени места во источниот дел на нашата држава. Сега овој мост кој поврзува делница со голем проток на возила, од кои голем дел тешки товарни, е повторно безбеден за сообраќај. Како што ветивме, го одржавме ветувањето – пред почетокот на зимата на нашите граѓани им овозможуваме нов рехабилитиран мост безбеден за сообраќај. Владата што ја предводам има јасен смер, а тоа е европска иднина и квалитетен и безбеден живот за сите наши граѓани и генерациите што доаѓаат по нас. Вложуваме во модерна патна инфраструктура. Ги обновуваме старите и градиме нови патишта, бидејќи тоа е важно за граѓаните, важно е за бизнис секторот, важно е за инвеститорите, за туристите. Приоритет е граѓаните без разлика дали живеат во урбани средини, градови, населени места или села да имаат безбедни и сигурни патишта. Изминативе пет години, Владата предводена од СДСМ изгради патишта во должина од околу 1.300 километри, што е двојно повеќе од претходните десет години, кога биле направени само околу 650 километри“, рече Ковачевски.

Министерот Бочварски рече дека инвестициите во капитални проекти значат подобрување на животот на граѓаните, развој на економијата и подобра иднина за сите.

„Неслучајно сме фокусирани на целокупната инфраструктура насекаде низ државата, сé со цел да овозможиме рамномерен регионален развој, да создадеме услови за поволна бизнис клима за стопанството, да им помогнеме на граѓаните во овие услови на економска и енергетска криза.

За граѓаните од другите региони рехабилитацијата на овој мост можеби и не значи ништо, но за граѓаните на Куманово, Крива Паланка, Свети Николе, другите општини од регионот, па и странските патници кои транзитираат низ оваа обиколница, ова значи поголема безбедност во сообраќајот, подобри услови за комуникација, подобра инфраструктура, развој на оваа индустриска зона.

Слободно можам да кажам дека овде во Куманово речиси и да нема правец што не е рехабилитиран:

–    го завршивме патниот правец кон Свети Николе,

–    патот кон Никуштак,

–    патот кон Опае,

–    кон Липково,

–    патот кон Сопот,

–    завршуваме со рехабилитацијата на магистралата од Куманово до Страцин,

–    завршиме со рехабилитација и на Искрин мост,

–    следната година ќе започнеме со рехабилитација на клучката Табановце.

Во делот на локалните улици, за Општина Куманово ставени се на располагање речиси 2 милиони евра.

Инвестиравме 3,3 милиони евра за водоснабдувањето во општината” рече Бочварски.

Директорот на ЈПДП Рустеми рече дека мостот е со челични главни носачи на пет распони со должина од 172.5 метри и ширина на коловоз од 6.5 метри и тротоари од двете страни од по 1 метар.

„Санацијата ги опфати овие челични носачи како и зајакнување на сите столбни места, менување на старите и оштетени лежишта, санација и зајакнување на нова коловозна плоча, нови тротоари, нова мостовска ограда, нова хидроизолација и асфалтна конструкција. Изведувач на работите е СИНТЕК ИНЖЕНЕРИНГ – СКОПЈЕ, надзор е Геинг-Скопје, а предвидените средства за санацијата на мостот се во висина од 59.7 милиони денари (околу еден милион евра). Работите се во завршна фаза и во моментов се изведуваат работи на последното поле и на крајниот столб од страната на Куманово“, рече Рустеми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.