Новата инвестиција за која денеска сме овде ќе биде вредна 30 милиони евра, a новиот производствен капацитет ќе биде пополнет со уште најмалку 100 нови работни места. Ова е можност за младите, бидејќи компаниите со европски и светски стандарди отвораат работни позиции и за висококвалификувани кадри”, рече премиерот Димитар Ковачевски по повод новата заедничка инвестиција YFA Аутомотив помеѓу двете компании Јангфенг и АРЦ Аутомотив во ТИРЗ Скопје 1.
Премиерот Ковачевски истакна дека креирањето добри економски политики и услови за компаниите значи директно вложување и во квалитетот на животот на работниците.
Кога направивме обиколка на погоните видов многу енергија и ентузијазам кај вработените во фабриката. Ова особено ме радува затоа што тие се моторот на економијата и без нивната посветена работа едноставно нема напредок. Поздрав и до тројца мои бивши колеги со кои во 2003 година работевме заедно и кога ќе ги видам тука знам дека оваа фабрика ќе биде успешна бидејќи се работи за тројца врвни менаџери. Добрите услови за работа, квалитетните инвестиции како оваа овде, посветеноста на зголемувањето на платите, но и добри услуги кои ги нуди државата, се предуслов за среќни и продуктивни работници”, рече премиерот Ковачевски истакнувајќи ја важноста на јасна стратегија и добар пристап во привлекување странски инвестиции, особено во време на криза.
Денес не е лесно да се привлече инвестиција, особено после пандемијата со КОВИД-19 и посебно во време на војна која се води во Украина во отежнати економски услови, во нарушени синџири на снабдување, при високи стапки на инфлација. Но, токму нашиот пристап го потврди спротивното. Во текот на изминатиот период, денес но и во идниот месец гледаме отворање на нови производствени капацитети и затоа како што го потврдија тоа и меѓународните финансиски институции како и независни аналитичари, Македонија има најдобар пристап во привлекување странски инвестиции споредено со БДП на државата и државите во регионот”, рече премиерот Ковачевски.
Тој се заблагодари на менаџерскиот тим на двете компании, Јангфенг и АРЦ Аутомотив кои како што рече препознаа во нашата држава подрачје за безбедно инвестирање и држава која нуди одлични услови за вложување.
Отворањето на вакви производствени капацитети се ветар во грб на нашата држава и ја прават конкурентна на глобалниот пазар. Оваа заедничка инвестиција на овие две светски познати компании ја прави Македонија земја во која се произведува и од која се извезува високо квалитетна опрема, за светски познати брендови од автомобилската индустрија”, подвлече премиерот Ковачевски и додаде дека Владата останува силно фокусирана на економскиот развој и посветено менаџирање на економската криза.
За помалку од една година мандат, само од почеток на годинава заклучно со септември во ТИР-зоните се отворени 1.600 нови работни места. Со новиот концепт на ТИРЗ и Владата за привлекување инвестиции само во изминатите 18 месеци се постигнати договори од 620 милиони евра”, заклучи премиерот Ковачевски.
Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ истакна дека со паметен и флексибилен пристап Македонија докажува дека може и знае да биде достоен партнер за глобални играчи и светски компании.
Првичните разговори за скромна инвестиција денес се сериозен инвестициски проект од 30 милиони евра. Со тоа покажавме дека и мала држава како Македонија може и знае да биде достоен партнер за глобални играчи и компании како Јангфенг и АРЦ Аутомотив. И тоа не со пари и скапи кампањи туку со паметен и флексибилен пристап. Особено ме радува тоа што по разговорите кои ги имавме утрово со менаџментот е дека овој инвестициски проект ќе биде само вовед во нови заеднички проекти кои треба да донесат нови инвестиции и добро платени работни места. Оваа компанија ќе донесе 100 вработувања со плати над државниот просек. Она што охрабрува е дека АРЦ само годинава ги зголеми платите за 20% и ќе ги охрабрам да продолжат да го прават тоа”, изјави директорот на ТИР-зоните Деспотовски.
Го пренесуваме во продолжение обраќањето на Ковачевски.
Денеска со менаџерскиот тим на Јангфенг и АРЦ Аутомотив, кога направивме обиколка на погоните видов многу енергија и ентузијазам кај вработените во фабриката. Ова особено ме радува затоа што тие се моторот на економијата и без нивната посветена работа едноставно нема напредок. Добрите услови за работа, квалитетните инвестиции како оваа овде, посветеноста на зголемувањето на платите, но и добри услуги кои ги нуди државата, се предуслов за среќни и продуктивни работници. Креирањето на добри економски политики и услови за компаниите значи директно вложување и во квалитетот на животот на работниците.
Јас точно знам колку е важно да се задоволни работниците, 22 години својата кариера ја градев во приватниот сектор. До стапувањето на функција во Владата и самиот работев во фабрика налик на оваа и знам што значи да станеш секое утро и да дојдеш да произведеш и испорачаш вредност за компанијата, која понатаму плаќа даноци на државата од која се финансираат сите функции кои што државата треба да ги обавува.
И на тој дел од животот сум особено горд, целото тоа искуство ми овозможи да стекнам знаење кои не се добиваат со седење по канцеларии и кабинети, знаење кое денес е применливо за формирање политики кои навистина даваат резултат, раст и развој и справување со кризата.
Денес не е лесно да се привлече инвестиција, особено после пандемијата со Ковид-19 и посебно во време на војна која се води во Украина во отежнати економски услови, во нарушени синџири на снабдување, при високи стапки на инфлација.
Но, токму нашиот пристап го потврди спротивното. Во текот на изминатиот период, денес но и во идниот месец гледаме отворање на нови производствени капацитети и затоа како што го потврдија тоа и меѓународните финансиски институции како и независни аналитичари, Македонија има во регионот најдобар пристап во привлекување на странски инвестиции споредено со БДП на државата и државите во регионот.
Живееме во неизвесно време кога е навистина тешко да се предвидат последиците со кои ќе се соочиме во годините после кризата. И оттука по моја насока ние делуваме по две линии во Владата.
Најпрво мора да се осигураме во ова несигурно време дека никој нема да е оставен сам да се справува со кризата. Донесовме нов пакет антикризни мерки од над 360 милиони евра за поддршка на оние кои најмногу им треба, затоа што тоа е солидарно и неопходно, затоа што јас предводам социјалдемократска партија и Влада и тоа вистинскиот пат во време на ваква криза. Исто, струјата ја субвенционираме за над 600.000 домаќинства, но и за 72.000 мали потрошувачи, фирми кои вработуваат 98% од вработените во државата. На тој начин, нивните сметки се пет пати пониски од тоа што би биле без владината субвенција.
И како што кажав, струја, храна и енергенси, мора да има и тоа за сите. И од тоа нема отстапување додека јас имам контрола врз процесот.
Од друга страна, многу важно да имаме јасна стратегија за економски развој и долгорочна стабилност на земјата. Ние таа насока ја имаме. Насочени сме кон економски развој на општеството, создавање услови за отворање нови работни места, европска ориентација со цврсто зачувување на нашиот национален интерес.
Мора да мислиме на иднината и затоа на почетокот на месецот, во земјава почна со работа најголемата досега соларна електрана од 17МВ капацитет, која ќе произведува електрична енергија еквивалент за задоволување на 5.500 македонски семејства електрична енергија или еквивалент на потрошувачката на сите основни и средни училишта во државата.
Од нашето сонце, чиста и обновлива енергија која воедно ќе ја штити и животната средина. Ова е нашата иднина и нашата визија, енергетската трансформација на земјата се прави вака, чекор по чекор, одлучно и со силни чекори напред.
Веќе на крајот на минатата недела беа донесени сите законски регулативи и нормативи со кои што е остварено барањето на сите граѓани на нашата држава кои што декади бараат да се олесни процедурата за инсталација на фотоволтаични системи на нивните кровови. Да може сами да произведуваат електрична енергија. Веќе нема потреба од дозволи, од сложени проекти туку со изработка на изградбен проект секој ќе може да инсталира, а со променетите правилници веднаш да бидат приклучени на електричната дистрибутивна мрежа на универзалниот снабдувач. Истото тоа важи и за компаниите кои што инсталираат системи до 40 киловати, моќност за домаќинствата до 6 киловати.
Со тоа ја намалуваме енергетската независност, ги намалуваме сметките на граѓани но истовремено ги зголемуваме и инвестициите во зелена енергија.
Македонија има ресурси, има сонце, вода, почва, сето тоа се ресурси кои може да се искористат за наш развој. Откако сум јас премиер, за само 10 месеци во државата се инсталирани во Осломеј и во источна Македонија 27 мегавати соларни централи капацитет. Тоа повеќе од инсталацијата во 11 години на претходната Влада. Ако на таков начин продолжиме, на сигурен пат сме да обезбедиме транзиција и енергетска независност на државата.
Знам дека е време на криза, но развојот не треба да запре и потврда за тоа е овој настан денеска. Компании како Јангфенг и АРЦ Аутомотив ги прошируваат своите капацитети овде, основаат нова заедничка инвестицијата што ќе отвори нови погони, производствени линии и работни места.
Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на менаџерскиот тим на двете компании, на УО, на сопствениците. Тие препознаа во нашата држава подрачје за безбедно инвестирање и држава која нуди одлични услови за вложување.
Отворањето на вакви производствени капацитети се ветар во грб на нашата држава и ја прават конкурентна на глобалниот пазар. Оваа заедничка инвестиција на овие две светски познати компании ја прави Македонија земја во која се произведува и од која се извезува високо квалитетна опрема, за светски познати брендови од автомобилската индустрија.
Оваа нова инвестиција за која денеска сме овде, според менаџментот, ќе биде вредна 30 милиони еврa и новиот производствен капацитет ќе биде пополнет со уште најмалку 100 нови работни места. Ова е можност како што кажав за младите, бидејќи компаниите со европски и светски стандарди отвораат работни позиции и за висококвалификувани кадри.
За помалку од 10 месеци, само од почеток на годинава заклучно со септември во ТИР-зоните се отворени 1.600 нови работни места. Со новиот концепт на ТИРЗ и пристапот на Владата за привлекување инвестиции само во изминатите 18 месеци се постигнати договори од 620 милиони евра.
На крајот сакам уште еднаш да им честитам на инвеститорите, на целиот менаџмент тим за оваа инвестиција, сакам да им посакам многу успех во работата и сакам на сите да ви се заблагодарам за вниманието и присуството денес тука.”
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.