Регулирањето на цената на увозните производи се однесува и на цените на горивата. Најпрвин ќе бидат направени анализи, а потоа ќе се соопштат мерките и идните планови за задржување на ценовната стабилност на максимално можно ниво, но и задржување на стандардот на граѓаните, рече премиерот Димитар Ковачевски во интервју за ТВ Сител, прашан дали Владата планира одредени мерки во врска со зголемувањето на цените на горивата.

Премиерот посочи дека зголемување на цените има и во останатите држави поради актуелната ситуација со пандемијата, но потсети дека Владата ги замрзна цените на основните прехранбени продукти, со што се спречи нивното зголемување.

Доколку не беа тие мерки, тогаш зголемувањето на цените ќе беше многу поголемо. Затоа се пристапи кон замрзнување на цените на основните прехранбени продукти наведени во листата на Министерството за економија согласно одлуката на Владата. Цените можат да се регулираат на повеќе начини. Има и директно замрзнување, но во тој случај треба да се видат реакциите и мислењето и на стопанските субјекти кои работат во производство на тие продукти и во увоз со оглед на то дека дел се од домашно производство, а дел се од увоз – рече Ковачевски.

Тој напомена дека ќе се разговара и ќе се првата анализи, посочувајќи дека постојат и други методологии во однос на регулирање на цените и спречување на нивно зголемување.

Постојат и други методологии кои се на располагање во однос на регулирање на цени и спречување на нивно зголемување. Тоа може да се направи и преку интервенција на увозните маржи. Министерството за економија веќе има задача тоа да го направи, тие ќе почнат разговори и со производителите и со увозниците, за да може на крајот на февруари да имаме нови мерки кои ќе спречат големо зголемување на цените – додаде Ковачевски.

Во однос на пензиите, премиерот посочи дека Владата работи на нова методологија за покачување на пензиите, но и за дополнителна финансиска помош со цел надминување на последиците од енергетската криза.

Тој нагласи дека зголемувањето на пензиите и пакетот мерки ќе бидат донесени преку дијалог со сите засегнати страни.

Ќе се работи на анализи и на нова методологија на усогласување на пензиите така како што има одредени предлози на асоцијациите на пензионери. И дополнително со оглед на тоа што се наоаѓаме во енергетска криза која што најмногу ги погаѓа најранливите ние веќе работиме и на анализа на дополнителна финансиска помош на пензионерите во време на криза, а нивото на поддршка, ќе го дадат анализите. Оние кои се најранливи, кои имаат најниски пензии, помошта ќе биде поголема и како што се зголемува нивото на пензиите така ќе биде нивелирана на пониско ниво за да можеме да го заштитиме животниот стандард на пензионерите – порача Ковачевски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.