Делегацијата предводена од премиерот Димитар Ковачевски во Атина, оствари средби со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис и претставниците на енергетските ресори.
На средбата од македонска страна присуствуваа и министерот за економија Крешник Бектеши, директорите на ЕСМ Васко Ковачевски и на МЕПСО, Орган Муртезани, претседателот на Стопанска комора Бранко Азески, како и Виктор Андонов, соработник за енергетика. Во состав на делегацијата од Грција присуствуваа Костас Фрагојанис, заменик-министер за економска дипломатија и надворешни работи, Никос Цафос, советник за енергетски прашања на премиерот Мицотакис, Константини Зифарас, директор на државната компанија за природен гас ДЕПА, Георгиос Тасис, претседател/извршен директор на Public Power Corp SA како и останати претставници од секторот.
На состанокот се дискутираше за најважната тема како за државата, така и за стопанството, а тоа е ублажување на последиците од најголемата глобална криза која ја паметиме во поновата историја.
Дополнително се зборуваше и за заедничките проекти кои се реализираат за енергетска независност на среден и долг рок. На состанокот беше истакнато дека во изминатите неколку години, една од најголемите грчки компании „Митилинеос”, која е од огромно значење за грчката економија, најавува интерес за изградба на когенеративна гасна електрана во Скопје, која ќе произведува и електрична и топлинска енергија, како и за еден од стратешките проекти на Македонија во енергетскиот сектор, изградбата на пумпно акумулациона хидроцентрала „Чебрен“, на Црна Река за која понуда пристигна и од грчкото електростопанство ППЦ, како и уште неколку европски компании.
Двајцата премиери разговараа дека приоритет во преден план треба да биде фокус на решавањето на енергетската криза и недостигот на енергенси. По завршувањето на работните состаноци премиерот Ковачевски ќе одржи брифинг за новинарите со цел да ги соопшти заклучоците од средбата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.