„600.000 домаќинства и 70.000 компании кои се на регулираниот пазар во државава се снабдуваат со субвенционирана струја. Ако Владата не субвенционира 80 проценти од цената на струјата, сметките на граѓаните би биле петпати повисоки“, вели премиерот Димитар Ковачевски.
Тој додава дека Владата води „интензивни преговори со земјите од соседството и други држави за да се обезбеди електрична енергија по поволна цена за стопанството, големите потрошувачи“, додека, во исто време, со полн капацитет работат нашите електрани.
Направивме состаноци со сите соседни држави со цел да се овозможи непречен проток на енергенси. Со Република Грција за непречено снабдување со јаглен и со мазут, бидејќи мазутот доаѓа од Грција во Македонија. Со Република Албанија за непречен проток на јаглен исто така, бидејќи и таму има наоѓалишта на квалитетен јаглен. Сега ќе отпочне со работа вадењето руда од рудникот Живојно. Ги активиравме капацитетите коишто порано не беа користени за електрична енергија – Осломеј, ТЕЦ Неготино. На барање на Стопанската комора и други стопански комори, веќе разговаравме со Република Бугарија да нема прекинување на меѓународните конекции за електрична енергија во текот на зимата. Во изминативе десет години трипати се има случено тоа, при недостаток на електрична енергија да има прекин на меѓународниот транзит на електрична енергија. Исто така, разговараме и со Република Србија, со Република Бугарија, со Република Турција за обезбедување на електрична енергија по цени кои ќе бидат соодветни на нашето стопанство, рече премиерот Ковачевски во интервју за НРТВ.
Претседателот на Владата додаде дека во моментов се одвиваат состаноци, во кои е вклучен и претседателот на Стопанската комора, за изнаоѓање решенија за компаниите да се обезбеди електрична енергија по пониска цена од онаа на светските берзи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.