Без поддршка од државата, прашање на време е кога ќе затворат компаниите кои се соочуваат со неколкукратно повисоки трошоци за електрична енергија. Ваква порака добил претседателот на Стопанската комора на  Македонија при посетата на компаниите „Кожувчанка“ и „Металопромет“.

Од „Кожувчанка“ посочиле дека скапата енергија ги зголемила цените и на репроматеријалите, во просек за 30 проценти и дека сето тоа придонесува за намалување на конкурентноста на домашниот пазар, во однос на увозните производи, кои имаат доста пониски трошоци за електрична енергија, а следствено на тоа и пониски трошоци за производство.

Следува зима кога првпат не знаеме ниту како да го испланираме производниот процес, а за начин на продажба и конкуренција на пазарот и остварување на приход, не станува ниту збор. Ова е време кога е потребно да се задржиме како компанија на пазарот и да ги задржиме вработените сѐ со цел да се почекаат подобри времиња. Но, без субвенции тоа ќе биде невозможно, ќе бидеме принудени да го прекинеме производството или да го сведеме на минимум и да го намалиме бројот на вработени – истакнала Јанинка Чупаркоска, управител и сопственик на „Кожувчанка“.

И компанијата Металопромет – Струмица, која е на листата на големи потрошувачи на електрична енергија, побарала Владата итно да преземе мерки за ублажување на кризата предизвикана од високите цени на струјата. Во спротивно, велат од компанијата, прашање на време е уште колку долго можат да издржат.

Нашата компанија е 95 проценти извозно ориентирана, но сме целосно неконкурентни на пазарите на Европа затоа што конкуренти од регионот плаќаат многу поевтина цена на струјата – истакнал сопственикот Митко Шапковски.

Од компанијата, чија основна дејност е производство на заварени цевки и профили, додаваат дека сегашната продажба во споредба со првиот квартал од 2022 година, е намалена за 80 проценти.

И двете компании, како што информира Стопанската комора, дале силна поддршка и застанале зад барањата на Комората, стопанството да добие брза и ефикасна поддршка од државата.

Мора брзо да се дејствува, изгубивме многу време чекајќи ги мерките коишто треба да ги намалат негативните последици и ефекти по економијата што ги носи енергетската криза, потенцирал Азески на средбите.

Тим од Стопанската комора предводен од претседателот Бранко Азески денеска беше во посета на компаниите „ТЕ-ТО“ и „Ултра“. Целта на посетата е да се даде поддршка на компаниите во услови на енергетска криза, но и да се добијат информации за планот за работа на централата ТЕ-ТО, чија основна дејност е когенеративно производство на електрична и топлинска енергија во таканаречен комбиниран циклус.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.