Денарот е стабилен, а финансискиот систем исто така е стабилен и подготвен да одговори на предизвиците што би произлегле од руско-украинскиот конфликт, порачува Комитетот за финансиска стабилност при Народната банка.

Оттаму велат дека сите финансиски услуги непречено се вршат и ќе продолжат да се вршат и понатаму во согласност со потребите на граѓаните и на корпоративниот сектор.

Надлежните регулатори координирано ги следат состојбите и се подготвени брзо да делуваат, да ги прилагодуваат политиките во согласност со случувањата и да ја одржат финансиската стабилност која е приоритет, се наведува во соопштението испратено по денешниот состанок на Комитетот за финансиска стабилност на кој биле разгледани најновите движења во финансискиот сектор.

Досега, поизразени директни влијанија врз домашниот финансиски сектор нема и не се очекува да има поради слабите финансиски врски со Русија и Украина и отсуството на капитал од овие две држави во банкарскиот сектор.

Бидејќи се работи за неекономски шок, чијшто иден развој е тешко да се предвиди, прерано е да се извлечат заклучоци за долгорочните влијанија врз домашната економија. Сепак, она што е извесно е дека досега поизразени директни влијанија врз домашниот финансиски сектор нема и не се очекува да има, што се должи на многу слабите финансиски врски со Русија и Украина. Дополнителен фактор е отсуството на капитал од овие две земји во домашниот банкарски сектор. Ова е важна предност во овие околности, особено ако се земат предвид предизвиците со кои се соочија некои од соседните земји во кои беа присутни руски банки, се вели во соопштението.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска посочила дека девизните резерви се на високо ниво, што ја гарантира стабилноста на денарот и дека домашниот банкарски сектор е сигурен, ликвиден и соодветно капитализиран, подготвен за справување со евентуалните шокови.

За време на корона-кризата, банкарскиот сектор покажа дека умее да амортизира ризици, и кога тие се нови и дотогаш невидени, и по размер и по карактеристики. Банкарскиот сектор покажа дека е способен да ја поддржи економијата и во сложени услови и да одговори на барањата на граѓаните и корпоративниот сектор. Според сите показатели, ваквите капацитети се задржани и дополнително зајакнати во овој период – истакнала Ангеловска-Бежоска.

Министерот за финансии Фатмир Бесими порачал дека фискалната политика ќе биде поставена така за преку соодветни мерки и политики се амортизираат ударите што ќе доаѓаат однадвор за домашната економија и за стандардот на граѓаните.

Тие ќе дојдат преку европската економија и главно ќе се одразат врз потрошувачката, преку ценовните притисоци од увезените примарни производи. Преку фискалната политика ќе се заложиме за граѓаните и стопанството да ги амортизираме тие притисоци. Веќе е изготвен сет на антикризни мерки, кој Владата набрзо ќе го презентира – рекол Бесими.

Претседателката на Комисијата за хартии од вредност Нора Алити посочила дека ескалацијата на руско-украинскиот конфликт довела до првични негативни рефлексии врз тргувањето на берзата, пропратено со еднократен пад од 8.39 проценти на МБИ 10 на берзанскиот ден, кога започнаа воените дејствија, се до нормализирано и вообичаено тргување, без драматичен предзнак.

Кај нето-вредноста на отворените инвестициски фондови, заклучно со февруари, се забележува намалување од 2,4 проценти во однос на јануари. Приливите се стабилни, додека одливите се благо зголемени (7,34 проценти). Ваквите показатели за фондовите влегуваат во стандардните динамики и нема позначителни отстапувања од нивната кондиција. Имајќи предвид дека вредноста на вложувањата во хартии од вредност од руски компании изнесуваат околу 1,5 милиони евра или 0,76 проценти во вкупната нето вредност на сите отворени инвестициски фондови, очекувана е и таква пропорција на неповолен импакт – посочила Алити.

Внимателно се следат и состојбите кај пензиските друштва. Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али информирал дека капитално финансираното пензиско осигурување делува стабилно и транспарентно со идентификувани ризици коишто се анализираат и се контролираат на редовна основа, со посебно внимание на инвестирањето на средствата на пензиските фондови.

Во делот на осигурителниот пазар било посочено дека развојот на настаните во Украина не се рефлектираат неповолно врз осигурителниот пазар. Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Крсте Шајноски информирал дека во 2021 година е регистриран пад од 15 проценти на осигурителниот пазар.

На седницата е констатирано дека сите регулатори на финансискиот систем имаат доволен опсег на инструменти што може да ги користат доколку е потребно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.