Бугарскиот премиер Кирил Петков најави дека за околу два месеци треба да биде воспоставена авиолинија од Софија до Скопје.

Петков нагласи дека од сега натаму добрососедството меѓу Бугарија и Македонија ќе се мери со конкретни реализирани чекори и цели, а не само преку политички изјави.

Денеска јасно изјавуваме дека линијата Софија – Скопје ќе биде реалност. За она за што се ангажираме е дека за 30 дена ќе имаме точни специфики, а за 60 денови таа линија ќе биде воведена во функција. Така што, кога ќе почнеме да работиме со точни резултати ќе дадеме можност на народите од двете земји да можат слободно да патуваат, слободно да прават бизнис – изјави Петков на прес-конференција по средбата со неговиот македонски колега Димитар Ковачевски.

Петков додаде дека е многу среќен што можел да каже дека во иднина добрососедството ќе се мери со реални постигнати цели и резултати.

На ваков начин ќе им покажеме на двата народа од двете земји дека добрососедството се мери практично, не само на ниво на политички изјави, туку на ниво на реални резултати на бизнис и работа и на ниво на патување од Софија до Скопје за 20 минути – истакна бугарскиот премиер Петков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.