Министерот за економија Крешник Бектеши денеска соопшти дека новиот пакет антикризни мерки може да се очекува кон средината или кон крајот на идната недела.

Пакетот антикризни мерки вчера беше споделен од Министерството за финансии со Кабинетот на премиерот, со нас и со другите институции вклучени во неговото креирање. Најверојатно мерките ќе бидат објавени и ќе почнат со реализација кон средината или кон крајот на наредна недела, истакна министерот Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Скопската пиварница.

Претходно, премиерот Димитар Ковачевски кој беше заедно со Бектеши во посета на фабриката, потсети дека Владата одлучи да ја прошири листата на производи со „гарантирана цена“, како и оваа мерка да важи до крајот на годината, а не до 30 ноември како што првично беше најавено.

Од 20 септември годинава, со одлука на Владата, почна да важи мерката за „гарантирана цена“ на вкупно 24 категории прехранбени производи. Цените на производите, согласно одлуката, треба да се најмалку 10 отсто пониски од цените регистрирани на 1 август. Листата на производи со „гарантирана цена“ од 27 септември се прошири и со пијалаците: безалкохолните, газираната и негазираната вода, како и пивото.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.