Иако за ова веќе сум пишувал, барем во две-три колумни, едноставно неверојатно звучи податокот што деновиве повторно се актуелизира, дека во Македонија има над 80 000 луѓе кои живеат со 50-60 денари на ден и над 500 000 луѓе кои живеат со 150 денари нa ден. Тие се тука, околу нас, ама изгледа никој не сака да ги види, пишува во својата колумна, Дарко Јаневски.

Во такви услови речиси иронично звучи пропагандата кампaња и ветувањето на СДСМ за 1 100 евра просечна плата, кога тие за седум години не ги виделе овие луѓе. Како тие влегуваат во пресметката за просечна плата од 1 100 евра (или во сегашната од 660 евра) веројатно само еден Господ знае. А можеби ни тој!

Но, ако тоа е непознато, овие податоци ни го прават сосема познат фактот дека Македонија одамна не е држава, туку најобична крпа која служи како легло за богатeње нa малиот криминален слој. Или, како што пред некој ден истакна екс директорката нa Државниот завод за статистика, Благица Новковска, во Македонија веќе не можеме да зборуваме за сиромаштија (освен кај 4-5 отсто од населението), туку за беда. Беда која, како што истакнав минатиот пат, ни ги намали животниот веk од 75 години во 2018 година на 72 години во 2023 година.

Навистина не знам како преживуваат тие луѓе. Не знам како преживуваат ни тие кои не спаѓаат во оваа група, на пример, пензионерите со 13 000 денари пензија, а не пак да зборуваме за овие со 150 или 60 денари нa ден. Патем кога сме веќе кај пензионерите, техничкиот министер Велковски пред некој ден истакна дека околу 200 000 пензионери се со пензија од под 20 000 денари. Тие живеат со близу 700 денари на ден (половината сигурно одат за лекови бидејќи речиси и да нема лек кој или си го купувате приватно или во најдобар случај плаќате 50 отсто од цената, а не 10 или 20 отсто) и можат да се сметаат за „богаташи“, иако во буквална смисла на зборот и тие спаѓаат во групата која Новковска ја подведе под „беда“.

Да го повторам и податокот изнесен пред еден месец од економистот Абил Бауш дека 46 отсто од вработените во блескавава ни Cеверна примаат плата во висина на минималната или околу нејзе.

И кога сите овие групи ќе ги собереме, навистина се доаѓа дека процентот од најмалку 80-тина отсто население во Македонија кое живее во беда, 4-5 отсто кои се екстремно богати и останатиот дел кој е врзан со Буџетот и кој спаѓа во некаква мизерна средна класа во Македонија.

При сето ова, неверојатно звучи изјавата на Ковачевски кој се повика на некој си виенски институт дека Македонија е единствена земја која во време на светската криза предизвикана од пандемијата и војната во Украина го зголемила животниот стандард на граѓаните. Да повторам – го зголемила животниот стандард на граѓаните! Ви се верува дека се осмели ова да го каже?

Со какви очила гледа Ковачевски не ми е познато, но познато е дека бројките не лажат, а тие и натаму се немислосрдни. Па наспроти зголемувањето на просечната и минималната плата, кога тоа ќе се преведе на куповната моќ на граѓаните, повторно доаѓаме до зборот „беда“ или ако саката до зборовите „мизерија“ и „глад“. Кои се доминантни во Македонија и кои не можат да ги побијат никакви бројки за просечната, минималната или ветената плата од 1 100 евра. Додека ја чекаме таа ветена плата, да повторам, и натаму имаме половина милион граѓани кои живеат со 150 денари на ден, над 80 000 кои живеат со 50-60 денари на ден, 200 000 пензионери со пензија под 20 000 денари и 46 отсто вработени кои имаат плата од околу 20 000 денари. И тука не би помогнале ни Пол Сезан, ни Ван Гог со нивните весели бои од деновите кога биле расположени.

Во вакви услови, речиси очајно звучат владините политичари и нивните труби за тоа дека сега се избирало меѓу Русија и Европа, дека се гласало за европска иднина или за изолација и слични не баш интелигентни пропагандни трикови. Вистината е дека на овие избори ќе се гласа за тоа дали сакате и натаму да живеете во држава од која секој ден, полни автобосуи заминуваат за Германија, а остануваат овие со 60 и 150 денари на ден зашто немаат да си го платат ни патот до меѓународната автобуска станица, а не пак до Германија, или сакате да се смени нешто што ќе не извлече од оваа бедотија.

И некако на памет ми доаѓаат оние дански ракометарки од пред повеќе години кои се шокирале кога при гостувањето во Скопје, на раскрсница виделе просјаци. Не знам дали уште ги има, зашто автомобилот ретко го користам. Се нема за бензин. А и онака кардолозите велат дека треба повеќе пешки да се оди.

И при сето ова, Ковачевски си дозволува во интервјуто за МРТ да каже дека успешно се справиле со економската и енергетската криза. Ете му ја кампањата, па нека им го каже тоa в лице на сите групи набројани погоре.

Да не зборуваме за тоа дека Ковачевски зборува и за успешно справување со Ковид пандемијата под водство на Филипче, што е веќе отворено лажење без нималку усул. Зашто Македонија имаше 9 975 мртви од Ковид, што на 1,8 милиони жители е 5 541 умрени на милион жители, што не става на трето место во светот по мртви, веднаш зад Перу и нашите сакани браќа од исток – Бугарите. На трето место. Ако пак земеме в предвид дека во Македонија реално нема повеќе од 1,5 милиони жители (многу иселени беа попишувани како да се тука), тогаш доаѓаме до тоа дека Македонија имаше 6650 мртви од Ковид 19 на милион жители, што не става на почесното прво место во светот по смртност од вирусната болест. Ако ова е успех и успешно справување со пандемијата, тогаш не знам што е неуспех. Толку за лажењето на Ковачевски, пишува Јаневски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.