Бизнисот очекува в петок, на 28 октомври, да се одржи редовна седница на Платформата за јавно-приватен дијалог и Владата да каже кои ќе бидат следните чекори за поддршка на стопанството.

Како што вели за МИА претседавачот на Платформата и извршен директор на Стопанската комора на северозападна Македонија Дриљон Исени, засега нема информација од фирмите членки за отпуштања, но сите работат минимално, со 30 – 40 отсто од производствените капацитети, за да одржат кондиција и да заштедат струја.

Според Исени, бизнисите во моментов имаат две солуции, да работат со загуба што не може да трае долго или да се затворат привремено или целосно.

Бизнисите немаат пари, треба да ги покачат платите за да ги задржат вработените и да плаќаат поскапа електрична енергија, а од друга страна има ослабена потрошувачка. За бизнисите кои се на слободниот пазар ова е веќе реална закана. Владата треба да размисли како да ги поддржи во овој дел, како да се најде начин најмалку да плаќаат за струја. Компаниите имаат две солуции, да работат со загуба што не може да трае долго или да се затворат привремено или целосно. Ако се затворат привремено, треба да ги отпуштат своите работници, а гаранција дека тие ќе останат во земјава нема. Може веднаш да заминат што дополнително ќе го зголеми проблемот со недостиг на работна сила, односно квалификуван кадар. Очекуваме дека Владата ќе ги земе предвид нашите предупредувања зашто ситуацијата е многу тешка – истакнува Исени.

Стопанството, додаде, е во исчекување на последниот пакет мерки за поддршка.

Тоа што се презентира сега е во рамки на досегашната пракса да се нуди повеќе поддршка за социјално ранливите категории и тоа не е лошо, но треба да се најде начин и како бизнисот да се растовари од овој голем товар што го има сега. За бизнисите најголеми три проблеми се поскапувањето на енергенсите, особено електричната енергија, човечкиот капитал и ликвидните средства. Еден од нашите предлози беше како да се намали или целосно привремено да се тргне ДДВ-то за електрична енергија, но и да се стави профитна маржа за дистрибутерите, што и се случи. Наш последен предлог, кој сметаме дека ќе се земе предвид, е да се воспостави горна граница на цена на струјата до одредена сума која треба да ја покријат бизнисите, а разликата да ја покрива државата, по моделот на земјите од регионот. Нека се задолжи уште малку државата, не е проблем, треба бизнисите да ги зачуваме зашто ако бидат принудени да се затворат, ќе ги загубиме и вработените, а на компаниите ќе им треба многу време за да се вратат во нормала – вели Исени.

Во однос на предлогот за горна граница на цена на струјата, од Владата се уште нема согласност.

Владата првично го третира потрошувачот како важен елемент од економијата и тоа е во ред, но прашањето е колку долго може бизнис заедницата да ги трпи поскапувањата. Очекувањата се дека сепак фокусот ќе биде на граѓаните во вид на социјални мерки, но бизнисот уште се надева дека ќе има нешто и за него зашто со оваа цена на електричната енергија, компаниите тешко можат да преживеат – подвлече Исени пред почетокот на денешната визионерска работилница за креирање национална развојна стратегија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.