UJOИнспектори на Управата за јавни приходи вршат контрола во маркетите на „КАМ“ која е насочена кон утврдување на фактичката состојба на залихите во магацин со книговодствената евиденција.
Од Управата за јавни приходи денеска ги демантираа информациите дека маркетите се запечатени поради прекршочни санкции. Запечатувањето на маркетите, како што наведуваат, е направено синоќа заради прекин на пописот со цел да не настанат евентуални измени во фактичката состојба на залихите во продавниците и магацините.
Сите објекти во раните утрински часови на 22/03/2022 година се отворени, односно службениците од УЈП ги отстранија пломбите во присуство на вработените на даночниот обврзник и со пописот се продолжува во текот на денешниот ден и се планира да заврши денес, велат од УЈП.
Додаваат дека контролата произлегува од низата неправилности утврдени со контролите по Законот за регистрирање на готовинските плаќања во повеќе маркети на територија на цела држава по однос на примената на даночната стапка.
Управата за јавни приходи кај даночниот обврзник КАМ ДОО, Илинден започна со извршување на надворешна контрола согласно Законот за даночна постапка за увид во состојба на залихите на трговска стока во магацин и продавници со цел констатирање на фактичката состојба на залихите и споредба со книговодствената евиденција. Контролата произлегува од низа нерегуларности утврдени со контролите по Законот за регистрирање на готовинските плаќања во повеќе маркети на територијата на цела држава по однос на примена на даночна стапка, наведуваат од УЈП.
За исходот од извршените контроли, како што посочуваат од УЈП, не може да информираат од причина што согласно член 9 став 1 од Законот за даночна постапка, службените лица на Управата за јавни приходи се должни како даночна тајна да ги чуваат сите документи, информации, податоци и други факти за даночниот обврзник до кои дошле во даночната, прекршочната или судската постапка.
Се огласија и од КАМ маркети од каде информираа дека се работи за редовна инспекциска контрола и дека во текот на денот се очекува маркетите да продолжат со редовна работа.
Ве известуваме дека во моментот се врши инспекциски надзор во КАМ маркетите. Се работи за редовна контрола. Оние објекти кои во моментот не работат се затворени заради обезбедување услови за непречено одвивање на работата на инспекторите: спроведување попис и останати потребни активности. Во текот на денот, очекуваме КАМ маркетите да продолжат со редовното работење, стои во соопштението од КАМ маркет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.