Инфлацијата во Германија оваа година би можела да достигне просечни 5%, бидејќи војната на Русија со Украина дополнително ќе ги зголеми цените на енергијата. Ова го предупреди германската централна банка (Бундесбанк), цитирана од „Bloomberg“.

Се очекува и еврозоната да забележи рекордно високо ниво на инфлација. Треба да внимаваме на нормализирање на монетарната политика, изјави гувернерот на банката Јоаким Нагел.

Шефот на Бундесбанк, кој е член на Управниот совет на Европската централна банка (ЕЦБ) и на почетокот на февруари рече дека каматните стапки може да се зголемат до крајот на годината, објасни дека „во моментов не е можно да се направи сигурна прогноза за ефектот на војната врз германската економија“.

Извештајот на германската централна банка покажува и дека и покрај моменталната висока инфлација, сѐ уште нема знаци дека долгорочните очекувања се менуваат.

Податоците покажаа дека растот на цените во најголемата европска економија се забрзаа до 5,5% во минатиот месец, откако инфлацијата во земјата ја прекина шестмесечната серија на зголемувања во јануари. За споредба, просечните прогнози беа 5,4 отсто.

Затоа, до минатата недела се сметаше дека ЕЦБ најверојатно ќе го забрза прекинот на купувањето обврзници на следниот состанок, кој ќе се одржи од 9-ти до 10-ти март. Сепак, овие изгледи стануваат сè понејасни во услови на војна во Украина, која донесе бран на неизвесност. Причина за тоа е можноста за натамошно зголемување на цените на енергенсите, што би довело до повисоки инфлациски притисоци.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.