Министерството за економија се уште ги прави анализите за можноста да остане летното сметање на времето, иако министерот за економија Крешник Бектеши во понеделникот изјави дека тие би требало да бидат готови до крајот на неделава.

Побарано е мислење од МАНУ и од Бирото за метрологија и штом се добие нивното мислење, како што вчера изјави министерот Бектеши, анализата ќе биде доставена до Владата, која треба да ја донесе конечната одлука.

Одлуката дали ќе остане летното сметање на времето или ќе се премине кон зимско сметање, треба да биде донесена до крајот на овој месец.

И премиерот Димитар Ковачевски во понеделникот изјави дека анализите ќе покажат каква одлука ќе биде донесена.

Ќе видиме дали ќе продолжиме со летното сметање на времето или како досега ќе ја направиме промената. Во моментот, не можам да ви кажам, би сакал да ги видам анализите. Во моментот повеќе има „про“ оставање на летното сметање на времето, но да ги видиме сите детални анализи и потоа ќе донесеме одлука, рече Ковачевски.

Зимското сметање на времето почнува од последниот викенд во октомври, кога стрелките на часовникот се поместуваат за еден час наназад.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.