Покрај арбитражна постапка против државата, и индивидуални лица би можеле да бидат предмет на директна правна постапка доколку се покаже дека новата владина одлука за повлекување на одлуката за спојување на концесиите за рудникот „Иловица – Штука“ била донесена спротивно на законите или е политички мотивирана, се вели во информацијата која компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ ја доставила денеска до Берзата во Торонто, Канада каде котира компанијата.

Компанијата во дописот најавува дека ќе побара повторно од Владата да го преиспита спојувањето, но најавува и други можни правни разврски меѓу кои и меѓународна арбитража и постапки против поединечни лица.

Иако непоколеблив приоритет за Компанијата останува развој и изградба на рударскиот комплекс во целосна согласност со современите домашни и меѓународни еколошки стандарди, согласно правилата на Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови Компанијата веќе има дадено Формално известување за спор до Владата и сега може да покрене меѓународна арбитража во секое време. Сите инволвирани страни може да бидат предмет на директни правни дејствија доколку во легална процедура се покаже дека новата одлука е во спротивност со позитивните законски прописи на Република Македонија, или е политички мотивиранa“, се вели во информацијата од Еуромакс објавена денеска.

Компанијата во соопштението наведува дека одлуката е донесена без правна основа.

Ваквата нова одлука не содржи и не е базирана врз правни аргументи за спротивно одлучување од одлуката со која беше потврдено Спојувањето“, се вели во информацијата од Еуромакс објавена на Берзата во Торонто.

На повлекувањето на одлуката за спојување на концесиите покрај протестот организиран од активистите кои се противат на отворањето на рудникот, претходеа и изјави на дел од министрите во Владата дека тие се лично против отворање на рудник во Иловица. Дека нивните изјави, но и стенограмите од владината седница на која што се носеа одлуките, може да бидат употребени во правни постапки против државата предупреди и министерот за економија, Крешник Бектеши на прес конференцијата по одлуката за повлекување на спојувањето на концесиите. Па, оттаму се поставува и прашањето дали најавата за постапки и против индивидуални лица ги опфаќа и министрите кои во медиумите дадоа изјави дека се против изградба на рудникот без притоа да имаат аргументација зошто ја оспоруваат инвестиција и покрај бројните позитивни мислења дадени од надлежните институции во изминатите години.

Комерцијална објава



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.