Низ годините Народната банка (НБ) беше столб за зачувување на финансиската стабилност, којашто е суштествена за економскиот раст. И во тековните услови на изразени макроекономски ризици, домашниот банкарски систем е стабилен и има капацитет за соодветна кредитна поддршка на економскиот раст.
Ова беше посочено на средбата помеѓу тимот на Народната банка, предводен од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Јасмин Чакери, менаџер на Одделот за макроекономија, трговија и инвестиции за регионот на Европа и Централна Азија при Светската банка, Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светската банка за Македонија и Косово и Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист.
Како што беше нагласено, со новата регулатива којашто би се донесла во следниот период, а се изработува во согласност со европската практика, се зацврстува рамката и водечката улога на Народната банка во носењето и спроведувањето на макропрудентната политика.
Во контекст на досегашните остварувања, на средбата беше заклучено дека солвентноста на банкарскиот систем е на стабилно и солидно ниво, со стапка на адекватност на капиталот од 17 отсто. Показателите за ликвидноста и натаму се на задоволително ниво и упатуваат на соодветно управување на банките со ликвидносниот ризик. Квалитетот на кредитното портфолио на банките и натаму е солиден, за што е потврда ниското ниво од 3,1 проценти на учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансискиот сектор. Солидните остварувања на банкарскиот систем се секако резултат и на регулаторната рамка поставена од страна на Народната банка. Притоа, согласно со одлуката на Европската комисија, беше оценето дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е во согласност со стандардите на ЕУ – велат од НБ.
Оттаму додаваат дека на средбата станало збор и за новите законски решенија, коишто се во прилог на јакнењето на механизмите за одржувањето на финансиската стабилност, односно Законот за финансиска стабилност и Законот за решавање на банките.
Тимот на Светската банка ја истакна важноста на овие решенија со кои на централната банка ќе ѝ се даде поширок мандат за спречување одредени системски ризици во банкарскиот сектор. Исто така, со Законот за финансиска стабилност, којшто е во собраниска процедура, законски се регулира Комитетот за финансиската стабилност, како макропрудентно тело коешто ќе ја засили координацијата на финансиските регулатори при утврдувањето на системските ризици и синхронизираното преземање макропрудентни мерки – посочуваат од НБ.
Од Банката нагласуваат дека станало збор и за тековната состојба и стапките на инфлација што растат во светски рамки.
Од Светската банка беше истакнато дека од големо значење е навременото и соодветно приспособување на политиките, согласно со тековните очекувања и очекувањата за идните движења. Носителите на политиките во овој момент, кога има нагорно придвижување на цените поради воениот конфликт, се соочуваат со потребата за монетарно затегнување. Притоа, за монетарната политика е особено важно да не се предизвика негативно влијание врз економскиот раст при изборот на мерките за запирање на инфлацијата. Во тој контекст, Народната банка успешно им одговара на тековните предизвици и претпазливо ги применува мерките за одржување на стабилноста – прецизираат од НБ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.